ПОВЛЕЧЕНИ ОД ПРОМЕТ 96 ВИДА ФАЛСИФИКУВАНИ ЃУБРИВА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЏАБЕ НАЃУБРУВАЛЕ

    ПОВЛЕЧЕНИ ОД ПРОМЕТ 96 ВИДА ФАЛСИФИКУВАНИ ЃУБРИВА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ЏАБЕ НАЃУБРУВАЛЕЗемјоделците од струмичкиот регион со години реагираа и бараа поголема контрола на репроматеријалите што се користат, посебно на вештачките ѓубрива. (Фото: СДК.МК)

    Две години земјоделците од Македонија користеле вештачки ѓубрива кои биле неквалитетни и кои не содржеле хранливи состојки за развој на растенијата. Ова го утврдиле инспекциските контроли на Министерството за земјоделство, со кои кај 96 видови вештачки ѓубрива констатирале отстапки од содржината наведена во декларациите. Ѓубривата не содржеле доволно азот, калиум и фосфор и била издадена наредба истите да бидат повлечени од промет.

    Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денес во Струмица потврди дека донесени се решенија за повлекување на вештачките ѓубрива за кои се издадени решенија во 2016.

    „Кон крајот на јануари направени се повеќе инспекциски контроли, при што утврдивме отстапување на содржината која што е декларирана на производите со она што реално го содржи производот. Во рамки на овие инспекциски контроли повлековме 96 решенија за ѓубрива издадени само во 2016 година. Контролите уште повеќе ќе ги интензивиравме, за решенијата издадени во 2017 година, но и за оние од 2015 година“, кажа министерот Николовски.

    Земјоделците од струмичкиот регион со години реагираа и бараа поголема контрола на репроматеријалите што се користат, посебно на вештачките ѓубрива. Тие се сомневаа на квалитетот бидејќи со нивната примена немаше подобрување на перформансите на земјоделското производство

    „На пазарот има многу видови ѓубрива за прихранување на засеаното и сите тие имаат уредни декларации. Но, дел од нив иако ги користевме немаше ефект и затоа цело време баравме од инспекцијата да го проверат квалитетот на ѓубривата. Плаќаме и по 1.500 денари за 50 килограми ѓубриво, но очигледно сме фрлале други хемиски елементи. Ова значи дека треба сè да се исконтролира во делот на земјоделските репроматеријали“, велат струмичките земјоделци, откако слушнаа дека стотина видови ѓубрива се повлечени од промет.

    Од Министерството велат дека подготвуваат нов Закон за фитофармација, кој ќе биде целосно усогласен со правилата на Европската унија, според кој земјоделците ќе користат пестициди и ѓубрива по европски стандарди.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира