Од денеска автобуската линија 50 повторно ќе застанува во Градскиот трговски центар. Еден од автобусите кој ќе вози на оваа линија е брендиран со слика на архитектот Живко Поповски, творецот на проектот на ГТЦ и порака „Чувајте ми го ГТЦ“.
Град Скопје ја врати во функцијата станицата во трговскиот центар, која беше преместена пред 5 години откако беа пуштени во употреба кинеските двокатни автобуси. Тогаш градските власти станицата ја преместија кај паркот Жена борец бидејќи двокатните автобусите не можат да влезат во подрумот на ГТЦ.
Сега на линијата 50 ќе возат само украинските нископодни автобуси. Станицата на линијата 57 ќе остане кај Жена парк бидејќи во ЈСП„Скопје“ немаат доволно украински автобуси да пуштат на оваа линија односно половина од купените се расипани.
„Линијата 50 повторно поминува низ ГТЦ. Денеска ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост. Сега ни останува да го ревитализираме објектот, да ги вратиме луѓето во ГТЦ, да го вратиме ГТЦ на дуќанџиите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Од Градскиот трговски центар велат дека изминативе 5 години откако беше преместена станицата било намалено движето на луѓе и прометот на дуќанџиите.
А. АНТЕВСКА