Повеќе од четири часа траеше големото дефиле на струмичкиот карневал кој и годинава понуди разновидни маски, совршени креации и одлични музичко сценски настапи.
Околу 2.000 учесници поделени во 42 карневалски групи продефилираа по струмичките улици. Ги имаше од Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија, Бугарија, Германија, но и од Аруба – Холандските антили кои на плоштадот организираа сумба и румба забава со струмичани.
Во карневалската поворка предничеа струмичките карневалски групи.
Карневалот го следеа десетици илјади посетители претежно од земјава, но и Бугарија кои уште од ноември лани закупија дел струмичките хотели. Гости по струмичките улици имаше и од соседна Грција, Србија и Црна Гора кои ги окупираа струмичките кафеани до раните утрински часови.
„Со својот раскош убавина и посетеност, Струмица дефинитивно станува балканскиот Рио. Не залудно е прогласен за еден од најдобрите зимски карневали во Европа. Имате одлични маски за кои се гледа дека е вложен труд, љубов и посветеност. Останавме занемени од маската „Струмица Ерлајнс“со авионот, „Замрзнатите“ каде учесниците изгледаа навистина ледени, „Сончогледот“ каде девојката излегуваше од цветот, „Соколите“ каде што се виде одлична изработка на секој детал. Струмица е навистина карневал што треба да се посети’’, кажаа преставниците на Европските карневалски градови од Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
В. ТРАЈКОВ