Владата ги остави два месеца без плата вработените во Управата за водење матични книги, зашто не назначува директор. Со коалиционата поделба, ова место кое спаѓа под Министерството за правда припаднало на ДУИ, но оттаму сè уште не предлагаат кадар.
Револтирани зашто два месеца секој ден чекаат плата, вработените предупредуваат дека кај и да è ќе престане издавањето на изводите од матичните книги на родените, на умрените и на венчаните, зашто се потрошиле резервите со обрасци на кои се печатат изводите. Нова набавка не е возможна, зашто овластен да го спроведе тоа е само директорот на институцијата.
Граѓаните се жалат на хаос во службите за издавање дозволи, венчаници и умреници.
„Шалтерите се празни, ако начекате службеник и го прашате за извод, или ви вели колегата е на пауза, или дојдете за три, за шест дена“, вели скопјанка која неколкупати оди во Управата за водење матични книги во Скопје во поранешната зграда на Комерцијална банка, а не може да си го земе изводот, без кој не може да заврши други итни постапки.
Иако огласот за нов директор на Матично пропаднал уште минатиот петок, на владините седници воопшто не се разговара за проблемите со платите и функционирањето на матичната служба. На дневен ред нема ништо за ова ни на денешната владина седница, која уште не е почната.
Владата упорно не овластува лице кое може да ги потпише платите на над 500 вработени во матичните служби низ цела држава.
Во ДУИ велат дека огласот не е пропаднат, туку продолжен за уште 10 дена. Веќе имало пријавени кандидати за директор на управата, ситуацијата ќе се решела во наредните 10 дена.
С. К. ДЕЛЕВСКА