ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ КОСОПСТВЕНИК ВО СТАРТАПИТЕ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИЧНА ПОМОШ

    ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ КОСОПСТВЕНИК ВО СТАРТАПИТЕ КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПАРИЧНА ПОМОШВицепремиерот за економија Кочо Анѓушев кажа дека оваа мерка е направена по примерот на стартап компаниите во Израел, каде ваквиот начин на помош дал големи резултати (Фото: Е.Ангеловска)

    Државата ќе учествува со 25 отсто од средствата во основачкиот влог на мали и микро претпријатија, но најмногу до 30 милиони денари. Ова е една од мерките за директна помош на малите и микро претпријатија во рамки на третиот столб од планот на владата за економски раст.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека оваа мерка е направена по примерот на стартап компаниите во Израел, каде ваквиот начин на помош дал големи резултати.

    „Кога се мали претпријатијата тие се ризични и направивме таков фонд за помош, каде што државата ќе им даде помош во основачкиот влог. Ако некој сака да отвори компанија на пример со основачки влог од 100.000 евра, државата во основачкиот влог ќе учествува со 25 отсто. Ова не се однесува само на нови претпријатија, туку и на постоечки што сакаат да се прошират. Ги повикувам сите заинтересирани, особено младите да не заминуваат во странство, туку да ја искористат оваа програма и да се занимаваат со претприемништво и на тој начин да обезбедат егзистенција и за себе и за своите вработени“, кажа Анѓушев.

    Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, на денешната прес конференција, кажа дека реализацијата на оваа мерка веќе почнала, бидејќи владата лани во декември обезбедила 50 милиони денари, а годинава се обезбедени 400 милиони денари.

    Освен оваа мерка за помош и развој на малите и микро претпријатијата, според среднорочната програма за периодот 2018 – 2020 година, предвидени се и други четири мерки, односно: помош на претпријатијата до 30 отсто од трошоците за инвестицијата за воведување нови стандарди и квалитет, но не повеќе од 10 милиони денари, потоа помош до 5 милиони денари за претпријатијата за воведување нови алатки во информатичкиот сектор и за подобро менаџирање, помош до 70 отсто од трошоците, но не повеќе од два милиони денари за активности за истражување, и помош до 30 отсто од трошоците, но не повеќе од милион денари, за усовршување и обука на вработените.

    „За овие четири мерки ќе распишеме неколку јавни повици, од кои првиот до крајот на овој месец и за овој јавен повик планирани се 185 милиони денари. До крајот на годината ќе има уште два огласи. Вкупно до крајот на годината планирани се 645 милиони денари помош за малите и микро претпријатија за овие четири мерки“, кажа Деспотовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира