Министерството за труд и социјална политика ќе субвенционира вработување на ранливи лица.
„Со новиот план за 2018 година предвидена е мерка субвенционирање на плати, каде што даваме 19 илјади денари за вработување на ранливи или тешко вработливи групи на граѓани. За 12 месеци работодавачите може да добијат 228 илјади денари и се очекува со оваа мерка да се опфатат над 520 лица“, кажа министерката Мила Царовска, при денешната посета на Здружението на граѓани за советување и лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависници од психотропни супстанци „Избор Струмица“.
Сократ Манчев, претседател на здружението „Избор Струмица“ кажа дека пред неколку дена склучен е договор со Министерство за здравство за превентивните програми.
„На два пати користевме програми за вработување, кои што за прв пат можеа и невладините организации да ги користат, кои заедно ги менаџираат УНДП и МТСП. Со Министерството за труд и социјална политика договараме да бидат финансирани 32 лица во оваа програма за рехабилитација и ресоцијализација. Трошоците ќе бидат покриени од МТСП“, рече Манчев.