ТРАГАМЕ КАДЕ СЕ ОДЛЕАНИ ПАРИТЕ ОД СКОПЈЕ 2014, КАЖА СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЈАНЕВА

    ТРАГАМЕ КАДЕ СЕ ОДЛЕАНИ ПАРИТЕ ОД СКОПЈЕ 2014, КАЖА СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА ЈАНЕВАСпецијалната обвинителка Катица Јанева и холандскиот амбасадор Воутер Пломп на денешното свечено отворање на проектот за зајакнување на капацитети на СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство во истрагата за проектот „Скопје 2014“, за која што денеска обвинителката Катица Јанева рече дека е при крај, трага по изнесените пари за овој проект од Македонија. Освен финансиската истрага насочена кон Италија, каде што главно се лееја спомениците од овој проект на бившата власт, Јанева рече дека СЈО бара нелегално стекнати и изнесени пари од Буџетот на РМ во Чешка, Грција, Британија, Холандија и во други држави

    Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека во потрагата по изнесените пари СЈО не е со врзани раце, затоа што, како што кажа таа, не дозволуваат да бидат со врзани раце.

    „Ние трагаме каде се парите, каде точно се одлеале и дали сè уште се во Македонија. Бараме начин како да одат полесно нашите финансиски истраги, кои се во голем број“, кажа Јанева, посочувајќи го како значајна помош и проектот финансиран од Холандската амбасада и од холандското обвинителство, а кој е за зајакнување на капацитетите на СЈО во водењето на финансиските и другите сложени истраги.

    Јанева рече дека во извештајот што ќе објави на 15 март, јавноста ќе дознае дали СЈО ќе се вклучи во случајот „Монструм“, а ќе се знае и за многуте отворени предистраги додека ова обвинителство ги чека Владата и Собранието да го решат неговиот статус.

    „Ако не се реши статусот на СЈО, во однос на тоа дали ќе можеме да покренеме обвиненија за случаите што водиме, во јуни ќе одлучиме што ќе биде со отворените и сработените истраги“, вели Јанева.

    Специјалната обвинителка кажа и дека не е задоволна од одолговлекувањето на судските процеси по поднесените обвиненија, но сега не толку од судот, колку од обвинетите и нивните адвокати. За праксата два-тројца адвокати да ги фатат сите 17 случаи на СЈО и со тоа да бараат постојано одлагање, дека биле на друго судење и биле презафатени, Јанева рече: „Затоа сме ние заробена држава“ и притоа побара Адвокатската комора исто како и судовите и обвинителствата што се грижат за судиите и за обвинителите да се заложи итно да престанат овие злоупотреби на одредени адвокати.

    Јанева денеска зборуваше на свеченото отворање на проектот: „Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира