Над 100 млади луѓе со попреченост ги завршија курсевите за стекнување вештини во ИТ секторот на првиот центар за онлајн учење ХаБИТ, во рамки на проектот на американската агенција УСАИД за социјална инклузија преку технологии. Дел од нив се практиканти во македонските информатичките компании.
Американскиот амбасадор Џес Бејли кажа дека во Македонија има погрешна слика за тоа каде можат да работат лицата со попреченост, односно генералната слика е дека тие може да работат само во заштитни друштва каде повеќето се лица со попреченост.
„Таа слика мора да се промени, бидејќи е можна социјална инклузија на овие луѓе преку технологијата. Најдобар пример за тоа е Александар Стојановски, глув човек кој освои златен медал во пливање на олимпијадата за глуви. Тој успешно заврши 11 курсеви преку овој проект и сега е практикант во една од водечките ИТ компании овде“, кажа Бејли.
Тој рече дека и луѓето со попреченост може како вработени еднакво да придонесат во една од најбрзорастечките индустрии во Македонија, односно во информатичкиот сектор.
„Владата на САД верува дека луѓето имаат право на еднакви шанси за вработување и забранува дискриминација од аспект на попреченоста на луѓето. Овој проект нѝ е многу драг, особено што и откако ќе заврши, програмата е самоодржлива, односно младите луѓе и натаму ќе може да се обраќаат за помош вп ХаБИТ. Македонската економија ќе биде многу посилна кога сите луѓе ќе бидат вклучени“, кажа Бејли.
Филип Наков, лице со попреченост и еден од учесниците во проектот, кажа дека кога од невладината организација „Отворете ги прозорците“ му се јавиле да се вклучи во проектот ХаБИТ, решил да се вклучи.
„Како лице со попреченост и студент на ФИНКИ решив да се вклучам во проектот. Европската унија за концептот на ХаБИТ на награди за социјално претприемништво, а преку акселератор програмата во Виена ќе го претсавиме проектот пред социјални претприемачи. Ги повикувам компаниите дека сме тука и да ни се обратат за совет како да ги адаптираат нивните веб страници за да може да ги користат и лица со попреченост, а ги повикувам и сите млади луѓе со попреченост да ни се приклучат“, вели Наков.
Проектот на УСАИД за социјална инклузија преку технологија е проект кој траеше една и пол година и создаде онлајн платформа за учење со 20 целосно пристапни курсеви за бизнис вештини, меки вештини и основни информатички технологии комбинирани со менторство и практично искуство за младите лица со попреченост во селектирани ИТ компании. Реализацијата на проектот почна во септември 2016 година со финансиска поддршка од 135.000 долари од УСАИД, а го имплементираше фондацијата „АјВоут“ во соработка со невладината „Отворете ги прозорците“ и Здружението на студенти и млади лица со попреченост.
Е. БОЧВАРОСКА