РОМСКОТО МААЛО ЦЕЛА НЕДЕЛА ЧЕКА ПОМОШ ОД ТЕУТА АРИФИ ЗА ОШТЕТЕНИТЕ КУЌИ ОД ЛИЗГАЊЕТО НА ЗЕМЈАТА

    РОМСКОТО МААЛО ЦЕЛА НЕДЕЛА ЧЕКА ПОМОШ ОД ТЕУТА АРИФИ ЗА ОШТЕТЕНИТЕ КУЌИ ОД ЛИЗГАЊЕТО НА ЗЕМЈАТАСтанарите на три оштетени куќи живеат во постојан страв од опасноста да дојде до ново лизгање на земјиштето и едне недла чекаат Општина Тетово а дојде и да направи увид за да им помогне за санација (Фото: СДК.МК)

    Десетина жители од ромското маало над православните гробишта во Тетово уште чекаат Општината да испрати надлежни служби, за да направат увид во штетите кои беа предизвикани од неодамнешното лизгање на земјиштето. Деновиве, тие живеат во постојан страв од опасноста да дојде до ново лизгање на земјиштето.

    „Измина една недела откако се одрона земјата и ни го сруши ѕидот, а од Општина Тетово никој не е дојден да направи увид ниту да ни даде некаква помош. Откако се случи ова, жена ми уште утредента отиде во Општина и поднесе барање, но таму ѝ рекле да чека и дека комисијата наскоро ќе дојде. Но еве, цела недела помина, а од таа комисија нема ни трага ниту глас. Што е најстрашно, не можам во собата ништо да работам и да ја расчистам земјата и камењата што се внатре сѐ додека таа комисија не направи увид. Толку ли им е тешко да дојдат и да направат записник? Секоја вечер спиеме со страв да не дојде до повторно лизгање на земјата и да ни ја однесе целата куќа и нас со неа. Ова е срамота, вака не можеме да живееме“, револтирано зборуваат Африм Бериша и неговата жена Ваиде, чија куќа беше оштетена со последното лизгање на земјата.

    Слично се случи и пред 4 години. И тогаш побаравме помош од Општината, но не добивме никаква помош. Во овој реон се загрозени три куќи, а треба само да се тргне земјата и да се направи потпорен ѕид и ништо повеќе, но и тоа го нема засега, велат жителите (Фото: СДК.МК)

    Лигалиштето од земја, кое проработе минатата недела после обилните дождови, покрај куќата на Бериша оштети и две други куќи во ова маало. И кај нив состојбата е крајно лоша, а сопствениците апелираат за помош.

    „Живееме под голем ризик, можеби при следниот пообемен дожд целата земја над нашите куќи ќе се свлече и ќе нѐ потрупа сите. Навечер спиеме кај комшиите или кај роднините, бидејќи ни е страв пак да не падне земјата или некоја голема карпа врз нашата куќа. Освен ова, внатре во куќата поради паднатата земја има многу влага. Моето дете има слабо здравје и направено неколку операции, а од влагата во куќата уште повеќе се испоразболе. Бараме  помош од Општината, но од таму ни велат само да чекаме. Ова не е прв пат нашите куќи да бидат оштетени од ова лизгање на земјата. Слично се случи и пред 4 години. И тогаш побаравме помош од Општината, но не добивме никаква помош. Во овој реон се загрозени три куќи, а треба само да се тргне земјата и да се направи потпорен ѕид и ништо повеќе, но и тоа го нема засега“, вели Елмази Харис.

    Педесетина метри погоре од овие три оштетени куќи, група работници работат на кршење на бетонскиот ѕид кој пред еден месец исто така поради лизгање на земјата падна врз куќата на Илми Имери. Неговата куќа е целосно уништена, а тој сега живее кај роднините.

    „Откако се сруши потпорниот ѕид, од Општина дојдоа само еднаш и тоа беше сé. Некако ни одобрија барем да го отстраниме овој бетонски ѕид кој се сруши, бидејќи мораме да мислиме  како да ја заштитиме и куќата која е погоре зашто постои опасност и таа да падне. Еве, сето ова што сега го работиме самите го плаќаме од свој џеп“, вели Кадри Демири.

    При денешната посета на семејствата чии куќи се оштетени со лизгањето на земјата, пратеникот Самка Ибраимовски рече дека од Владата постои разбирање за проблемот и може да се обезбедат средства за санација и изградба на потпорен ѕид, но претходно Општината треба да изработи градежен проект врз основа на кој Владата ќе пушти парични сретсва за санација од фондовите за инплементација и стратегија за подобрување на статусот на  Ромите.

    Од службата за контакти со јавноста на Општина Тетово кратко соопштија дека Општината ќе им помогне на овие жители околу изградбата на потпоренѕид, но не можеа да прецизираат кога тоа ќе се реализира.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира