Американската амбасада во Скопје го повтори ставот на помошникот државен секретар Вес Мичел, кој во вторникот кажа дека важно е Собранието да оди напред со својата агенда и да се фокусира на потребните реформи, кои сите партии рекоа дека ги поддржуваат во врска со донесувањето на Законот за употреба на јазиците завчера.
„Како што помошникот државен секретар Мичел кажа во вторникот, за време на неговата посета на Скопје, Македонија прави големи чекори во процесот на градење силна демократија. Земјата има можност да оствари напредок кон членството во ЕУ и во НАТО, што мнозинството од сите граѓани го поддржуваат. За да се оствари оваа ЕУ-НАТО иднина, важно е Собранието да оди напред со својата агенда и да се фокусира на потребните реформи; реформи кои сите партии рекоа дека ги поддржуваат“, велат од Амбасадата на САД во Скопје.
Од Амбасадата потсетуваат и на синоќешната изјава на премиерот Зоран Заев, кој рече дека „обврска и одговорност на владата и на политичките лидери е да ги унапредуваат интересите на сите граѓани во земјата“.
Што се однесува до Законот за употреба на јазиците, од Амбасадата потсетија и на изјавата на заменикот премиер Османи, кој во Брисел потврдил дека „Владата ќе го испрати Законот пред Венецијанската комисија за мислење и препораки, за да биде сигурна дека законот е во согласност со европските стандарди“