РУСИЈА ГЛАСА, НО ИСХОДОТ Е ЈАСЕН – УШТЕ 6 ГОДИНИ ЗА ПУТИН

    РУСИЈА ГЛАСА, НО ИСХОДОТ Е ЈАСЕН – УШТЕ 6 ГОДИНИ ЗА ПУТИНПутин се соочува со седуммина предизвикувачи на гласачкото ливче, но исходот од гласањето е предодреден со оглед на неговиот огромен рејтинг. - Владимир Путин на гласачко место во Москва (Фото: АП)

    Притисоците врз гласачите за поголема излезност и извештаи за наводни полнења на гласачки кутии фрлија дамка на денешните претседателски избори во Русија, на кои што Владимир Путин ќе добие нов шестгодишен мандат. Неговите противници ги нарекоа изборите фарса, но неговите милиони фанови велат дека 65-годишниот поранешен офицер на КГБ го вратил сјајот на Русија и ја брани гордата нација од надворешни закани.

    Путин се соочува со седуммина предизвикувачи на гласачкото ливче, но исходот од гласањето е предодреден со оглед на неговиот огромен рејтинг. Главна цел на руските власти е голема излезност што ќе му даде поголем легитимитет на Путин и ќе му овозможи убедлив мандат по четврти пат.

    Гласајќи во Москва, Путин изгледаше убеден во својата победа, велејќи дека победа со каков било процент на гласови ќе го смета за успех.

    „Програмата што јас ја предложив за земјата е вистинската“, изјави Путин.

    Поради отсуство на вистинска конкуренција, властите се борат против апатијата на гласачите и вршат голем притисок врз 111-те милиони регистрирани гласачи да излезат на избирачките места.

    Евгени, 43-годишен автомеханичар од Москва, кажа дека се двоумел дали да излезе на гласање.

    „Но, одговорот беше лесен. Ако сакам да продолжам да работам, треба да гласам“, кажа тој.

    Тој вели дека неговите шефови не му побарале доказ дека гласал, но се плаши дека тоа може да се случи.

    Во Екатеринбург, лекарка кажа дека била принудена да гласа.

    „Откако не излегов да гласам до пладне, шефот ми се јави и ми кажа дека само јас не сум гласала“, кажа лекарката.

    Евгени Розман, градоначалникот на Екатеринбург, за АП изјави дека локалните функционери и вработените во државната администрација добиле наредба „од горе“ излезноста да биде над 60 отсто.

    Во Москва, гласачите кои првпат имаат право на глас добиваа карти за концерти, а здравствените власти нудеа бесплатни тестови за рак на дел од избирачките места.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира