Забраната за дотур на стока во центарот на Скопје до 18 часот ќе важи цела година.
Град Скопје во јануари ја воведе забраната за дотур на стока од 7.30 до 18 часот, која требаше да важи до 31 март, како една од мерките за намалувањето на загадувањето на воздухот.
По предлог на градоначалникот Петре Шилегов не денешната седница на Советот на Град Скопје беше усвоена одлуката со која возилата и камионите на дистрибутивните компании од 7.30 до 18 часот нема да смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари. Камионите ќе можат да се движат низ центарот да градот но да се паркираат на паркинзи. Оваа забрана не се однесува за фирми кои имаат обезбеден простор за дотур на стока.
„Изминатиот период се покажа дека од оваа мерка не пропадна ниту една фирма за дистрибуција или дуќан. Секторот за сообраќај ќе изврши согласување на издадените одобренија на фирмите односно ќе се повлечат старите и ќе се издадат нови решенија во согласно со одредбите на одлуката во рок од 8 дена од стапување на сила“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Забраната за дотур на стока важи за потегот од Рузвелтова до железничката станица, од Илинденска до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот Теодосиј Гологанов до Јужен булевар.
Дистрибутерите кои нема да ја почитуваат забраната ќе бидат казнети со 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат стока на улица казната ќе биде 45 евра, а ако се паркирани на тротоар со 150 евра.
А. АНТЕВСКА