ПРОТЕСТИРААТ 200 РАБОТНИЦИ ОД „ЈАКА 80“ И ОД ГАЗДА НИНИ ГИ БАРААТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИ

    ПРОТЕСТИРААТ 200 РАБОТНИЦИ ОД „ЈАКА 80“ И ОД ГАЗДА НИНИ ГИ БАРААТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИНајмногу се погодени работниците кои се водат како вработени и до лани патуваа за Скопје на работа, а немаат земено никаква плата (Фото: СДК.МК)

    Дел од сегашните и поранешни вработени од фармацевтска компанија ,,Јака 80’’ излегоа на протест пред затворените погони во Радовиш и си ги побараа заостантите плати и отпремнини од Јовица Стефановиќ – Нини, за кого тврдат дека уште е газда. Револтот доаѓа што никој не им го решава статусот и нивната повеќегодишна агонија заглавена во судско-извршителските лавиринти. Најмногу се погодени работниците кои се водат како вработени и до лани патуваа за Скопје на работа, а немаат земено никаква плата.

    „До ноември минатата година одевме на работа во Скопје. Ниту имаме земено плата ниту пак било каква отпремнина. Ни кажаа да седиме дома и дека ќе нè повикаат. Ќе имало реорганизација. Но еве месеци поминаа, од повикот нема абер, а камоли од исплата на заостанатите плати за 2017. Се обративме во Трудовиот инспекторат, ни кажаа да поднесеме тужби. Нема кој да ни помогне ‘’, кажа Ленче Костадинова од Радовиш, која тврди дека немало со кого да се разговара оти фабриката во Скопје веќе не работи.

    На телефоните на АД „Јака 80“ во Скопје никој не креваше телефон за да даде одговор и објаснување што со заостанатите плати на вработените што протестираа во Радовиш.

    Освен за заостанатите плати за минатата година, пред затворената фабрика во Радовиш протестираа и за неисплатените плати и отпремнини за периодот до 2010, кога производството на лекови и козметика од Радовиш се пресели во Скопје.

    „Веќе осум години чекаме некој да ни ги исплати платите, надоместоците, отпремнините за три години. Станува збор за 200 работници кои бевме прогласени за технолошки вишок и имаме поднесено тужби, но еве никој не се обидува да го реши нашиот проблем, само лажни ветувања’’, кажа Анка Стојанова поранешна работничка.

    Поранешните и сегашни вработени од „Јака 80“ од Радовиш се заканија дека следните денови ќе излезат на протест пред Владата и Министерството за труд и социјална политика за да се заврши нивната агонија.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира