Премиерот Зоран Заев вели дека лично ќе ги заштити децата на пратениците, откако групи на граѓани од денот кога беше донесен Законот за употреба на јазиците, 14 март, протестираат пред домовите на дел од пратениците на владејачката СДСМ. Без да прецизира како ќе ги заштити децата, тој ги осуди протестите што се организираат пред домовите на пратениците и смета дека со протестите се прават неколку кривични дела и рече дека лично ќе ги заштити децата на пратениците.
„Протестите се уставно право, дозволено е протестирање на граѓаните. Сепак, она што се прави пред домовите и пред дечињата на пратениците, пред членовите на нивните семејства и родители е апсолутно недозволиво, зашто е кршење на приватноста на домот. Се упатуваат директни закани, омаловажување и целосно сеење страв и трепет кај дечињата. Јас лично ќе ги заштитам дечињата на пратениците“, изјави Заев, по одржувањето на вчерашното рочиште за случајот „Поткуп“ во скопскиот Кривичен суд.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски на лидерот на СДСМ му порача да не ги злоупотребува децата во дневно политички цели.
„Премиерот Зоран Заев ги злоупотребува децата во дневно политички цели. Тоа не е мое ниво, но не можам да не го искоментирам тоа, бидејќи е непримерно од претседателот на Владата и се надевам дека тоа нема да му се повтори во иднина“, одговори лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, запрашан за коментар на изјавата на Заев за време на посетата на Струмица и околината.
Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски најави кривични пријави до обвинителството за организаторите на протестите пред нејзиниот дом во скопската општина Карпош. Ременски рече дека протестите ги организирал општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош.
Собранието на 14 март го донесе Законот за употреба на јазиците со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов најави дека нема да го потпише указот, иако според Уставот, должен е да го потпише.
Г. ТРПЕНОСКИ