ВОЛОНТЕРИ ОД ХАБИТАТ ЌЕ ЈА РЕНОВИРААТ ЗГРАДАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО КАВАДАРЦИ

    ВОЛОНТЕРИ ОД ХАБИТАТ ЌЕ ЈА РЕНОВИРААТ ЗГРАДАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО КАВАДАРЦИНа зградата на која волонтираа од Хабитат Македонија, освен што ќе биде изградена нова фасада, ќе биде реновиран и цел еден спрат во кој се сместени две пензионерски здруженија (Фото: СДК.МК)

    Чеда Керкез има триесет години и дојде од Белград како волонтер во градежништво, за да ги подобри условите во просториите на кавадаречките и росоманските пензионери организирани во две пензионерски здруженија. Со волонтирањето им помага и на сите станари од згрaдата во центарот на Кавадарци, која започна да се реновира и ќе добие нова фасадата, а ќе и се подобри и енергетската ефикасност. Вели дека во последните четири години волонтира во слободното време, во волонтерските активности кои ги организираат француската градежна компанија „Вебер“ во која е вработен и српскиот Црвен крст.

    Керкез вели дека генерално, нивната идеја е кога можат да придонесат на некој начин за заедницата, со реновирање, донирање опрема, волонтерска работа. Досега имале повеќе вакви акции, првенствено реновирање во градинки, забавишта.

    „Сакаме тој некој позитивен дух некако да го пренесеме и во Македонија и други земји од регионот. Секој има слободно време што може да го издвои за заедницата. Ако секој направи по малку, добивате многу, тоа е суштината на сето ова. Тоа е логиката од која се водиме, сакаме да ги поттикнеме на волонтерство другите луѓе, првенствено младите. Овде владее позитивна енергија, освен работа има и меѓусебно дружење“, вели  тој, и додава дека преку волонтерството запознал голем број добри луѓе, нешто слично на поранешните работни акции.

    Керкез беше еден од волонтерите на денешниот волонтерски ден во Кавадарци. На зградата на која волонтираа, освен што ќе биде изградена нова фасада, ќе и биде реновиран и цел еден спрат во кој се сместени пензионерските здруженија.

    „Задоволство ни е што големата француска компанија ‘Сен-Гобан’ не избра за партнер во овој проект, во кој се вклучени и изведувачот, локалните пензионери, станарите во зградата и Општината со своја партиципација во дел од трошоците“, рече Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.

    Ласко Лауко, директор за комуникации на француската компанија „Сен-Гобан“, рече дека се горди што имаат можност да донираат во овој проект.

    „Ние веруваме дека на овој начин помагаме на локалните жители и на тој начин ги подобруваме нивните животи. Воедно работиме и на одржливост на самата енергија. Оттаму, јас сметам дека ваквата донација и самиот волонтерски ден ќе бидат добар пример за останатите компании, да се продолжи со ваквата пракса и во иднина“, рече Лауко.

    С. ДАРУДОВА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира