Координативното тело на отпуштени образовни работници од основните училишта, градинките, како и вработени во административно-техничка служба денес се собраа пред Општина Битола, барајќи средба со надлежните за да ги прашаат зошто останале без работа место да им биде трансформиран работниот однос во траен.
„Повеќе од две години работевме, а не беше побарана трансформација на работен однос иако имало можност за тоа и примени се други лица. Ова беше прва можност за трансформација од пред изборите наваму зашто претходно комисијата за трансформација беше укината“, рече Гордана Јоначиќ, поранешна вработена во основното училиште Ѓорги Сугарев.
Од координативното тело рекоа дека новопримените се без положен стручен испит. Законот за основно образование пак, дава можност на лицата без положен стручен испит да можат да се пријават на јавен оглас и да засноваат работен однос на определено време до крајот на учебната година, ако на огласот не се пријави лице со положен стручен испит.
Гордана Станоевска, поранешен економ во училиштето Коле Канински рече дека нејзиното работно место било трансформирано од определено на неопределено, но била испуштена како технолошки вишок, а потоа било вработено ново лице.
Од Општина Битола не добивме одговор на обвинувања на отпуштените наставници.
Ж. ЗДРАВКОВСКА