Во прислушуван разговор што го цитираше обвинителкaта Фатиме Фетаи од СЈО на денешниот прес за новата истрага именувана „Актор“, првоосомничениот Никола Груевски како тогашен премиер му кажал на ексминистерот Миле Јанакиески да ја фаворизира грчката компанија „Актор“ за таа да го добие тендерот.
„Понудувачот од Италија овде го претставува комуњар и тоа не ми се допаѓа. Повеќе ми се допаѓаат оние од југот“, му кажал Груевски на Јанакиески.
Откако Јанакиески му кажал на Груевски дека Италијанците се најевтини, Груевски, како првоосомничен, побарал да се најде начин тендерот за автопатот тие да не го добијат, поради „лошата комбинација што комуњарот е во игра“. По ова Јанакиески како министер за транспорт и врски ги повикал во својот кабинет осомничените членови на евалуационата комисија, со цел да го фаворизираат понудувачот „Актор СА“ Грција.
„Во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, претседател на Владата, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството со право на глас одговорни за спроведување на евалуација и оцена на доставените понуди за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица“ како дел од Пан-европскиот коридор X. Овие лица ја завршиле задачата од Јанакиески, со што му овозможиле на правното лице „Актор СА“ да прибави противправна значителна имотна корист во износ од 7.811.593 евра“, рече Фетаи, која нагласи дека тоа е само почеток на големиот криминал со перењето пари од страна на „Актор“, тежок 31.856.81 евра.
Перењето на тие 32 милиони евра се случувало од 2012 до 2016 година, со почнувањето на градбите на автопатот. Грчката компанија ја оснoва „Актор“ АДТ Подружница Скопје, со намера да ја сокрие целокупната своја добивка од незаконскиот тендер. Со помош на уште три компании – подизведувачи, одговорното лице на подружницата формирал група која се занимава со перење на пари. Ова лице е исто така осомничен во најновата истрага на СЈО „Актор“. Во повеќе наврати им пуштил во промет криминални пари, кобајаги за активности како подизведувачи. За илулустрација, еден работник без некои посебни квалификации, добивал и по 6 до 7.000 евра месечни примања, а поквалификувани вработени и двојно повеќе.
По подигањето на големите суми кеш, тие веднаш биле претворани во евра и давани на рака на вработена од централната компанија „Актор“.
С. К. ДЕЛЕВСКА