Американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли твитна дека САД се солидаризира со Велика Британија против употребата на хемиско оружје од страна на Русија против граѓани на британско тло и руските закани против Македонија.
Твитот на Бејли доаѓа по колумната на британскиот амбасадор Чарлс Гарет во Независен весник во која тој предупредува дека настаните во Солзбери покажуваат колку далеку е подготвена да оди Русија за да ги нападне оние што имаат различни цели и мислења и потсетува дека изминатата недела, според официјално руско соопштение за медиуми, нивниот заменик-министер упати закана кон Македонија дека чекорот кон членство во НАТО може да има негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи.
„Настанот во Солзбери на 4 март беше бесрамен обид да се убијат цивили на британска почва, ставајќи во опасност и други лица, од која било националност кои случајно биле во близина. Ако ова можеше да се случи во Солзбери, горчливата вистина е дека инцидент од овој вид може да се случи каде било.
Нашите научници ја идентификуваа состојката искористена против семејството Скрипал како руски воен нервен отров познат како „Новичок“. Денес, само Русија има комбинација на атентати поддржани од државата со потврден мотив целта да биде Сергеј Скрипал и историја на производство на отрови „Новичок“.
По нападот, британската влада му даде можност на Кремљ да објасни дали некоја од овие супстанции им исчезнала. Но барањето беше игнорирано со презир, што ја остави владата без друг избор освен да заклучи дека руската држава е виновна за обидот за убиство во британски град, преку употреба на смртоносен нервен отров забранет со Конвенцијата за хемиски оружја“, напиша Гарет во колумната.
Британскиот амбасадор на крајот вели дека инцидентот се случил во мирен провинциски град во Британија, но следен пат може да биде на македонска почва или во вашиот роден град.