МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ГО ДОНЕСЕ БИКИНИЛЕНД ВО СКОПЈЕ

    МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ГО ДОНЕСЕ БИКИНИЛЕНД ВО СКОПЈЕРежисерот Милчо Манчевски на синоќешната македонска премиера на неговиот нов филм во американско- германска копродукција „Бикини Мун“ (Фото: М.Златевска)

    Емилија Стојковска и Милијана Богданоска, кои беа деца во филмот на режисерот Милчо Манчевски „Мајки“,  од пред осум години, а денес веќе тинејџерки, синоќа симпатично ја најавија македонската премиера на неговиот најнов филм „Бикини Мун“, американско-германска копродукција.

    Во полната сала на киното Милениум во Скопје, со голем број политичари, актери и актерки, продуценти, музичари, Стојковска и Богданоска ја прашаа публиката дали ги препознава, па по прикажаниот кадар со нив две, тие рекоа : „Сме пораснале нели? Не растеме само ние, сите растеме и учиме со филмовите на Милчо Манчевски, како да останеме позитивни во ова диво време“.

    Kомпозиторот Игор Василев – Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов се единствените Македонци во екипата на „Бикини Мун“ (Фото: М.Златевска)

    По петминутниот експериментален филм „Крајот на времето“, следеше премиерната проекција на новиот филм на најнаградуваниот македонски автор, а репризата беше веќе во 22 часот исто така во полна сала.

    Филмот е на редовниот репертоар на Милениум, со две проекции дневно, од 20 часот и од 22 часот.

    „Бикини Мун“ се најавува како документарец за една бајка, а пак критиката веќе го оценува како успешен микс на документарец, њујоршки авторски филм и фантазија, или пак модерна урбана бајка со фасцинантна приказна.
    Кондола Рашад, ѕвезда во подем на американската сцена, ја глуми Бикини Мун Дејвис, поранешна жена – војник која е ментално нестабилна. Ќерката ѝ ја одземаат, таа останува на улица, секојдневно справувајќи се со нејзиниот свет, кој го нарекува Бикиниленд.

    Во филмот играат и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.

    Манчевски и на овој филм, како и на сите претходни соработува со наградуваниот британски дизајнер на продукција Дејвид Манс, директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а единствени Македонци во екипата на „Бикини Мун“ се композиторот Игор Василев – Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов, со кои Манчевски соработува изминативе неколку години.

    Светската премиера на „Бикини Мун“ беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. Изминатиов период, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали, а на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот ја освои специјалната награда од жирито.

    Македонија е прва земја во регионот со редовна кино-дистрибуција, а по Скопје следуваат фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира