ЕЛЕМ СО 19 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ КУПИ МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ЗА РЕК БИТОЛА

    ЕЛЕМ СО 19 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ КУПИ МЕХАНИЗАЦИЈА ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ЗА РЕК БИТОЛА

    Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) со 19 милиони евра ќе купува помошна механизација за РЕК Битола, за ископ на јаглен.

    Драган Миновски, директор на ЕЛЕМ, кажа дека денес е распишан тендерот, со кој ќе купат вкупно 44 машини, односно осум хидраулични багери-ровокопачи, девет булдожери, два грејдери, три автодигалки, три утоварувачи, два комбинирани градежни машини-скипови, четири телескопски чистачи на транспортни ленти, две цистерни за вода, три товарни возила со хидраулична рака за кревање и превоз на товар и осум камиони-дампери со носивост од 30 тона. Тој рече дека еден од главните трошоци на ЕЛЕМ е ангажирањето надворешна помошна механизација, односно за таа услуга плаќа на надворешни фирми, бидејќи нема своја.

    „Ова е целата помошна механизација што му е потребна на РЕК Битола за да не ангажира повеќе надворешни фирми. Во последните 10 години за ангажирање помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено 93 милиони евра“, рече Миновски.

    Тој кажа дека ако тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, очекуваат машините да бидат испорачани до крајот на годината.

    „Во 2019 година помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи. Следна инвестиција во рудниците во РЕК Битола ќе биде набавката на механизација за ископ на јаглен, во рудникот Брод-Гнеотино. РЕК Битола, за разлика од рудникот Суводол, каде има сопствена рударска меганизација, во Брод-Гнеотино нема и со години им плаќа на надворешни фирми за тие да вршат ископ на јаглен, а главните количини јаглен се копаат токму таму“, рече Миновски.

    Тој кажа дека следниот месец ќе го распишат тендерот за набавка и на оваа механизација, која ќе чини 22 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира