КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ДОГОВАРАМЕ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ТЕШКИ ПРАШАЊА ИЗЛЕГУВААТ НА ВИДЕЛИНА, ИЗЈАВИ НИКОЛА ДИМИТРОВ ВО ВИЕНА

    КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ДОГОВАРАМЕ, ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ТЕШКИ ПРАШАЊА ИЗЛЕГУВААТ НА ВИДЕЛИНА, ИЗЈАВИ НИКОЛА ДИМИТРОВ ВО ВИЕНАМинистерот Никола Димитров, медијаторот Метју Нимиц, австриската министерка за надворешни работи Карин Кнејсл и министерот Никос Коѕијас во Виена (Фото: Ројтерс)

    Посредникот во спорот за името со Грција што се води под покровителство на ОН Метју Нимиц и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров рекоа дека има уште тешки прашања за решавање, но сепак има прогрес во преговорите, јави државната агенција МИА.

    По средбата во Виена помеѓу министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров, Нимиц изјави дека состанокот бил продуктивен и дека серијата состаноци ќе продолжи и во иднина.

    „Трасиравме пат за работа и можам да кажам дека, без да откривам детали, адресиравме тешки прашања“, рече Нимиц.

    „Престојат уште тешки прашања за решавање, но според мое мислење, како ангажиран во процесот подолго време, постои позитивно чувство. Двајцата министри беа фокусирани врз долгорочните односи, стабилноста на регионот, важноста за добри билатерални односи, и сите се надеваме дека можеме да продолжиме да работиме на позитивен начин“, рече посредникот Метју Нимиц.

    Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров рече дека е направен „условен напредок“, бидејќи „како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење“.

    „Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, нè зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, рече Димитров.

    Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас по средбата за телевизијата ЕРТ изјави дека ќе бидеме подготвени да направиме еден голем чекор на наредната средба.

    „Ги забележавме деталите, што е она за што се согласуваме, а за што не се согласуваме. Ги имаме обележано главните прашања за секоја страна и се на надевам дека на нашата следна средба ќе бидеме подготвени да направиме еден голем чекор“, ја пренесе МИА изјавата на Коѕијас.

    Тој додаде дека паралелно со разговорите за името, направена е и позитивна агенда за во иднина, за соработка на двете држави, „доколку, како што се надевам, се реши името“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира