ДИМИТРОВ И ГРЧКОТО МНР ДЕМАНТИРАА ДЕКА МАКЕДОНИЈА СЕ СОГЛАСИЛА НА УСТАВНИ ПРОМЕНИ

    ДИМИТРОВ И ГРЧКОТО МНР ДЕМАНТИРАА ДЕКА МАКЕДОНИЈА СЕ СОГЛАСИЛА НА УСТАВНИ ПРОМЕНИМинистрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров со посредникот на ОН Метју Нимиц пред денешната средба во Виена. (Фото: Грчко МНР/Твитер)

    По денешната средба во Виена на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со посредникот на ОН Метју Нимиц, во дел од грчките медиуми беше објавено дека македонската страна наводно била подготвена да направи уставни промени, за што стигна демант од двете страни.

    „Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација“, го пренесе МИА соопштението на грчкото МНР.

    Димитров се огласи на Твитер, велејќи дека преговорите за името се во деликатна фаза и шпекулациите се штетни.

    „Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави“, твитна Димитров.

    Во соопштението, Димитров рече дека е направен „условен напредок“, бидејќи „како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење“.

    „Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, нè зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, рече Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира