Режисерот Игор Иванов – Изи е избран за претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија, а филмската критичарка и новинарка м-р Евгенија Теодосиевска за нова директорка на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Новите директори се избрани на денешното годишно собрание на ДФРМ, а доаѓаат на местата на продуцентот Роберт Насков и на филмскиот критичар и уредник Благоја Куновски – Доре.
За претседател на Друштвото Иванов-Изи беше единствен кандидат, додека за директор на „Браќа Манаки“ се пријавила и продуцентка и актерка Лабина Митевска, која во два мандати беше директорка на фестивалот.
Иванов е режисер на краткиот филм „Бубачки“, долгометражните „Превртено“ и „Соба со пијано“, на епизоди од ТВ – сериите „Инсајдер“, „Преспав“, „Наше Маало“, „Пет плус“, една епизода од српската „Сенки над Балканот“, како и на документарците „Кавал“ и „Гајда“.
Теодосиевска е долгогодишен истакнат филмски критичар и новинар во МРТВ. Од 2008 е дел од фестивалот, како селектор на програмата за документарен филм, а во изминативе две години, во мандатот на Куновски – Доре, Теодосиевска беше уметничка директорка.
Теодосиевска е членка на Советот за култура, како стручно и советодавно тело на министерот за култура. Таа е сопруга на Златко Теодосиевски, советник на министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Б. НЕСТОРОСКА