Зголемување на социјалната помош која што ја примаат лицата во социјален ризик најави министерката за труд и социјална работа Мила Царовска на конференцијата за унапредување на услугите во социјалната дејност и јавното здравство. Таа кажа дека со реформата на системот на социјална заштита, за што следниот месец ќе почне поголема јавна дискусија, со зголемување на социјалната помош планирааат да воведат систем со кој лицата во социјален ризик ќе бидат извлечени од сиромаштија преку нивно враќање на пазарот на труд.
„Планираме подигање на нивото на социјалната помош, која е навистина ниска. Но со повисокиот социјален трансфер ќе, ќе има и мерки за нивно активирање. До крајот на 2018 година треба директно да се поврзат центрите за социјална заштита со Агенцијата за вработување, каде лицата во социјален ризик ќе добијат доквалификација, стручно усовршување за да може да бидат вработени. Со тоа мислам дека ќе добиеме нова слика во системот на социјална заштита кои во моментов го немаме“, кажа Царовска.
Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Следење на административната правда“, кој го спроведе невладината Центар за управување со промени, а финансиски е поддржан од владата на Велика Британија.
Истражувањето спроведено во рамки на проектот за задоволството на граѓаните од социјалните услуги покажало дека тие се најмногу задоволни од услугите што ги добиваат во детските градински, а најмалку се задоволни повозрасните лица од аспект на палијативна грижа.
Министерката Царовска кажа дека се свесни дека системот за социјална заштита во земјава не функционира и дека граѓаните се незадоволни, бидејќи во него со години не било вложувано. Таа кажа дека УНИЦЕФ годинава ќе финансира обука на сите вработени во центрите за социјална работа, за да можат да се грижат за секој човек, и дека оваа програма во целост ќе се имплементира до крајот на 2019 година.
„Знаевме дека системот за социјална заштита е нефункционален во пракса. Во мај ќе почнат дискусиите за новата рамка на социјална заштита, која ќе значи поделба на услугите кои државата ги нема развиено на локално ниво, а тоа се палијативна грижа, персонална асистенција, сите аспекти кои помагаат во квалитетот на живеење на граѓаните. Свесна сум дека граѓаните се назадоволни од услугите од центрите за социјална работа, каде колеги биле изложени на разни притисоци, притиснати неквалитетно да работата, а од друга страна не добиле соодветни обуки квалитетно да работат. Никој не се грижел за нив“, кажа Царовска.
Во делот на задоволство на граѓаните од здравствените услуги, истражувањето покажало дека луѓето сметаат дека не ја добиваат потребната здравствена услуга и дека по неколку пати плаќаат партиципација, а од друга страна во здравството се потребни сериозни инвестиции. Неда Малеска, од Центарот за управување со промени, кажа дека граѓаните посочиле дека се Службата за итна медицинска помош не е секаде достапна, односно дека таа е понедостапна во руралните за разлика од урбаната средина.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со реформата во здравството планираат здравствените услуги да ги направат подостапни за граѓаните во нивните домови, и дека е планирано подобрување на работата и ан Службата за итна медицинска помош, патронажните служби. Тој рече дека тие се само дел од системот и дека во моментов работат на тоа да се определи во која здравствена установа што недостасува од опрема и кадар за да можат да се доекипираат, а потоа одредени болници да бидат регионални центри.
„Неделава со експерти од УНИЦЕФ се прави оценки на тоа дали родилиштата ги исполнуваат критериумите да бидат родилишта по што ќе се ревидира мапата на здравствени услуги“, кажа Филипче.
Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија, кажа дека врската меѓу граѓаните и администрацијата треба да биде балансирана, бидејќи граѓаните плаќаат даноци, а државата е таа што треба да им ги обезбеди услугите.
„Но, откако државата ќе ги собере парите, не секогаш е подготвена да ги даде потребните услуги. Живеев во пет различни земји и самиот сум родител на дете со посебни потреби и видов дека корупцијата во здравствениот и социјалниот систем доведува до тоа државата да не ја обезбедува потребната грижа. Токму вие како министри треба да обезбедите услугата што повеќе да се доближи до граѓаните“, кажа Гарет.
Е. БОЧВАРОСКА