По 24 дена забрана за користење на регионалниот пат Велес – Градско, тој од претпладнево е повторно отворен за сообраќај. За ова информираа од Центарот за управување со кризи, откако кај нив стигнала пријава од СВР Велес дека патот е исчистен и безбеден.
Откако на 13 март, во 8 часот се случи одрон, на излезот од Велес, пред мостот на Тополка, од Цуцка на патот се свлекоа карпи тешки и по 25 тони, тој од денес повторно е во функција. Изминатите неколку дена екипите на ЈП „Гранит“ ги ситнеа камените блокови, а на ЈП ,,Македонија пат“ ја отстрануваа карпестата маса од коловозот. Потоа се отстрануваа камењата кои се надвиснати над патот, за да по извршените безбедносни проверки од страна на градежни лица, истиот биде пуштен за сообраќај.
Во еден дел каде паднала карпата, оштетен е работ на коловозот и тој е скратен во широчина за еден метар, што го успорува патниот сообраќај. Ефективната работа на отстранување на карпите од патот траеше околу 18 часа. Повеќе од три седмици блокадата на регионалниот пат ги погоди вработените во крзнарата „Димко Митрев“ и месната индустрија „Агриа“ кои мораа да патуваат и по половина час повеќе од вообичаено, до работните места, преку автопатот Велес – Градско. Останува да се изврши втората фаза од препораките за санација на карпите од Цуцка, која предвидува трајно решавање и заштита од одрон.
П. ПЕЧКОВ