Од почетокот на седмицава, на клупа во центарот на Велес ноќта ја преспива велешанката Благојка Малинова. Таа и вечерва Велигден ќе го мине на отворено, под ведро небо, стуткана под неонските светла на блиското казино. Без пари и без облека, неколку дена е оставена сама на себе и покрај тоа што има пензија и блиски.
„Таму каде што живеев ме избркаа, поточно жената на газдата. Ме истурка од собата и ми рече да си одам. Таму ми останаа сите работи облека, постелнина. Имам пензија, ми ја земаа и ме набркаа, ама ништо не им должам. Сега сум на улица, од понеделникот. Барам каде да се сместам, да си плаќам кирија но не ме примаат. Ми ја бараат пензијата цела. Јас би си платила колку е киријата, а другото да имам за живот. Имам двајца браќа и тие не ме примаат. Никој не ме сака. Бев во Пензионерски, претседателот Веле ми рече дека немало место. Ако некој умрел и се ослободело, мене ќе ме викнел. Ама јас да не умрам попрво на улица. Овие две вечери беше многу ладно, изѕемнав на клупата“, вели 72-годишната Благојка.
Има јасна мисла, здравјето ја служи, освен ревмата и сега без пари не може ниту лекарствата кои ги прима да ги зема. Куќата каде живееше пред шест години, на Габерови во Дворови, една од знаменитостите на Велес, се запали додека варела кафе од плинот и од тогаш е во потрага по кров над главата. Овие неколку дена преку ден е во фризерскиот салон „Марио“, чиј сопственик ја прими, но навечер мора да замине на улица.
„Ме хранат тука што се вработените околу, помагаат, јакнава ми ја даде обезбедувањето од казиното. Преку ден сум кај Марио. Не знам кој пат да го фаќам. Не сакам во старечки дом да живеам“, додава Благојка.
Нејзиниот татко Стеван Малинов бил борец, учесник во НОВ 1941 година. Таа работниот век го минала во „Ветекс“, а има завршено средно економско училиште, но несреќниот животен пат во староста ја остави на улица, забоавена и искористена.
П. ПЕЧКОВ