ПРВПАТ РАЗГОВАРАВМЕ ЗА ВРЕМЕНСКАТА РАМКА ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЕВЕНТУАЛНОТО РЕШЕНИЕ, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО КОЅИЈАС

    ПРВПАТ РАЗГОВАРАВМЕ ЗА ВРЕМЕНСКАТА РАМКА ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ЕВЕНТУАЛНОТО РЕШЕНИЕ, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО КОЅИЈАСДвајцата министри за надворешни работи ќе се сретнат двапати на почетокот на следниот месец. - Коѕијас и Димитров на средбата во Охрид (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека со грчкиот колега Никос Коѕијас на денешната средба во Охрид првпат разговарале за временската рамка, како ќе изгледа и како ќе се имплементира решението на спорот за името, под услов да се постигне решение.

    „Имавме многу отворени и искрени разговори, разговаравме за сите прашања кои што ја составуваат разликата околу прашањето за името. За дел од тие прашања има напредок бидејќи се созреани, за дел сè уште постојат разлики. Разговаравме за првпат за временската рамка и за чекорите кои што ако се постигне решение како тоа ќе изгледа и како тоа ќе се имплементира. Ова беше разговор без надмудрување, со големо разбирање за потребите на другиот. Нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди. Додека ние разговаравме, имаа средби и работните групи, составени од високи дипломати кои што врз основа на напредокот што го направија на средбата во Виена пред 10-тина дена, практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области. Идна соработка во различни области кои што работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни. И кои што исто така работеа и на преамбуларните параграфи од идниот билатерален договор. Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери, процесот продолжува. Има закажано во следниот период една квадрилатерална средба каде што исто така ќе имам прилика да се сретнам со колегата Никос Коѕијас, меѓутоа ќе бидеме во контакт во следните денови и штом ќе имаме нешто конкретно за следниот чекор, ќе ве информираме“, кажа Димитров на заедничката прес-конференција по средбата.

    Коѕијас вели дека остануваат помалку теми за решавање, но тоа се сепак најтешките прашања.

    „Сакам да му се заблагодарам на мојот пријател Никола за извонредното гостопримство, бидејќи секогаш кога се среќаваме дискутираме за тешки прашања и освен темите кои што ги решаваме, постои и меѓусебно разбирање. Ќе се сретнеме пак во наредниот период. Сигурно е дека ќе се сретнеме на 3-4 мај во Солун, а исто така ќе се сретнеме на 11-12 мај, а таму ќе дискутираме за иднината на Европа. Сакам да изразам благодарност на дипломатите на двете земји, кај предметот кои што го имаат тие преземено, ние забележуваме напредок. Посебно оваа рамка на заедничка соработка, но и на тоа тешко прашање кое се однесува на иредентизмот. Колку што се доближуваме кон решавање на проблемите, остануваат помалку теми за решавање, но се сепак најтешките. Го направивме позитивниот чекор што можевме денеска да го направиме и се надеваме дека ќе ги направиме и најтешките проблеми полесни. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата“, рече грчкиот министер за надворешни работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира