Вработените на фабриката за шински возила „Колска“ утрово од 7 до 9 часот ја блокираа Железничката станица во Велес, поради доцнењето на платите и тоа со месеци. За време на двочасовниот штрајк беше блокиран патничкиот воз од Скопје за Битола, кој поради тоа доцнеше 90 минути. Работниците велат дека штрајкуваат и поради тоа што неодамна им било соопштено дека „Колска“ ќе се продава.
„Немаме плата за сите месеци од оваа 2018 година, како и за септември и октомври лани. Пред еден месец, имавме средба со вицепремиерот Анѓушев на која беа и директорот на МЖ Транспорт и директорот на ‘Колска’. Анѓушев кажа дека до продажба на фабриката, МЖ Транспорт е должна да ги исплатува платите. За тоа е обезбедена работа 34 товарни вагони и еден патнички вагон треба да поправиме. Досега сработивме 15 товарни вагони и патничкиот е при крај. Од оваа средба досега имаме добиено само половина плата. На овој состанок слушнавме дека ‘Колска’ ќе оди на продажба иако ние баравме да се припоиме кон МЖ, што ни беше и ветено“, рече Слободан Димитриевски претседател на синдикатот во „Колска“.
Од 1996 започна агонијата на „Колска“, откако беше идзвоена од МЖ. Во неа има околу 120 вработени.
П. ПЕЧКОВ