Жителите на скопската населбата Ѓорче Петров попладнево ја блокираа улицата Борис Сарафов, каде синоќа беше прегазено 10 годишно момче, барајќи од Општината, Град Скопје и Министерството за внатрешни работи итни мерки.
Граѓаните велат дека откако улицата била проширена и наместо две доби четири коловозни ленти низ неа се вози многу брзо, децата се небезбедни и со страв ги праќаат на училиште. Основното училиште „Мирче Ацев“ се наоѓа на самата улица, но и покрај тоа не се поставени семафори, туку само сообраќајни знаци кои никој не и почитува.
„Постојано апелираме и бараме да се преземат мерки. Еден семафор не е доволен, потребни се неколку кои ќе ги принудат возачите да ја намалат брзината на движење, или да се постават легнати полицајци. Низ улицава се вози и со 160 километри на час, а сообраќајната полиција нигде ја нема. Бараме МВР да ги послуша граѓаните и да си ја извршува работата, “, велат граѓаните кои беа на протестот.
Жителите на населбата велат дека нема да престанат со протести додека не се преземат соодветни мерки.
„И порано од минатите раководства слушавме дека ќе интервенираат, но ништо не е преземено. Откако лани во октомври протестиравме, рекоа дека ќе постават соодветна сигнализација. Но, ставија само знак дека тука има училиште, кој не помогна. За две недели прегазени се две деца“, додаваат жителите.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумоски денеска соопшти дека во координација со Град Скопје одлучено е на критичната улица во многу брзо време да се постави семафор, кој ќе го реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитувањето на пешаците кои минуваат на преминот кај улилиштето „Мирче Ацев“.
„Повикувам пред сè на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца, но и на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан. Исто како и тие, и јас очекувам преку конкретен проект, конечно решавање на проблемот“, стоеше во писмено соопштение на Наумоски.
А. АНТЕВСКА