ПО АЛАРМОТ ОД ХЕМОФИЛИЧАРИТЕ ДЕКА НЕМААТ РЕДОВНА ТЕРАПИЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ДЕКА ИМА ДОВОЛНО ЛЕКОВИ

    ПО АЛАРМОТ ОД ХЕМОФИЛИЧАРИТЕ ДЕКА НЕМААТ РЕДОВНА ТЕРАПИЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ВЕЛИ ДЕКА ИМА ДОВОЛНО ЛЕКОВИ„Сите центри и региони во Македонија за трансфузиона медицина располагаат со потребните количини на фактори на коагулација до крајот на годината“, велат од Министерството за здравство.- Од денешното одбележување на Светскиот ден на хемофилијата (Фото: МИА)

    Министерството за здравство тврди дека има доволно терапија за болните од хемофилија, кои денес на одбележување на Светскиот ден на хемофилија алармираа дека често се случува нередовно да бидат снабдени со фактор за коагулација на крвта со што се доведува во прашање нивниот живот.

    Лилјана Рајчевска, претседател на Здружението на хемофиличари, кажа дека за децата со хемофилија фактор за коагулација има до крајот на април и дека тендер за набавка на нови количини од терапијата сѐ уште не е распишан.

    „Без фактор за нас нема живот. Секое пролонгирање на добивање на терапијата предизвикува нови оштетувања на организмот. Пациентите треба редовно да ја добиваат терапијата. Поради нередовното снабдување со фактор за коагулација не е направена нидена интервенција на пациентите со оштетување на зглобовите“, рече Рајчевска.

    Од Министерството за здравство велат дека Институтот за трансфузиона медицина располага со доволни количества од факторите на коагулација за возрасните болни од хемофилијa.

    „Сите центри и региони во Македонија за трансфузиона медицина располагаат со потребните количини на фактори на коагулација до крајот на годината. Во рамките на централна аптека при Институтот за трансфузиона медицина, се располага со доволни количества на резерва на фактори на коагулација ако се појави дополнителна потреба за покривање“, велат од Министерството за здравство.

    Според здравствените власти децата кои се на профилакса ќе бидат покриени со соодветната терапија, за да не се доведе во опасност нивниот живот.

    „Остваруваме чести средби со таргетираните групи и остануваме отворени за соработка, за да се решат проблемите со кои се соочуваат“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира