ОБВИНЕТИОТ АЦО ТОШТА ПОМОГНА ДА СЕ ИЗНЕСЕ СЕЛА ОД СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ БИВШИОТ ПРАТЕНИК АЛЕКСАНДАР СТОЈКОСКИ

    ОБВИНЕТИОТ АЦО ТОШТА ПОМОГНА ДА СЕ ИЗНЕСЕ СЕЛА ОД СОБРАНИЕТО, СВЕДОЧЕШЕ БИВШИОТ ПРАТЕНИК АЛЕКСАНДАР СТОЈКОСКИОбвинетите за обид за убиство на пратеникот на Зијадин Села на претходно рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Го видов Зијадин Села како лежи пред скалите кај клубот на пратеници во Собранието, а луѓето како стампедо поминуваа по него, сведочеше Александар Стојкоски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешното судење за обидот за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците на 27 април минатата година. Стојкоски кажа дека на 27 април не бил на протестите, туку случајно поминувал покрај Собранието.

    „Кога јас влегов во Собранието немаше гужва, луѓето слободно влегуваа. Бев во клубот на пратеници, кога некој рече дека Села е пред просторијата. Излегов и се шокирав, беше во бессознание. Забележав дека Ацо Тошта (обвинетиот Александар Јаневски, н.з.) со рацете ги трга луѓето од Села. Пристапив и јас. Го видов обвинетиот Кире Ѓоргиевски, беше многу вознемирен и викаше. Го тргнав и му реков да се смири. Ми рече: како да се смирам, пукаа на мене. Не можам да се сетам на други лица. Но, знам дека местото и состојбата во која беше Села не беше безбедна оти како поранешен пратеник го знам Собранието. Тука се спојуваат повеќе ходници и луѓе доаѓаа од сите страни“, рече Стојкоски.

    Потоа тој бил еден од оние кои го внеле Села во клубот на пратеници и како доктор му дал прва помош. Стојкоски сведочеше дека обвинетиот Ацо Тошта бил во просторијата и стоел пред вратата за да не дозволи некој од масата да влезе внатре.

    Стојкоски сведочеше дека потоа заедно со останатите кои биле во просторијата заклучиле дека мора да се однесе Села на друга побезбедна локација оти луѓе постојано доаѓале и го барале Села. Го преслекле, му ставиле капа и заедно со Ацо Тошта го однеле прво до бифето, а потоа со други лица вработени во Собранието по надворешни скали го евакуирале.

    „Во состојбата во која го затекнав Села можев да заклучам дека сè може да се очекува од таа група на луѓе што беше во Собранието“, одговори Стојкоски на прашањето на судијката Славица Андреевска од што го штител Села.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира