Доналд Трамп го предупреди Иран дека ќе има големи проблеми, доколку продолжи со нуклеарната програма, што се согласи дека ќе ја прекине со меѓународниот договор од 2015 година.
Зборувајќи во Белата куќа во друштво на францускиот претседател Емануел Макрон, Трамп го нарече договорот со Иран „луд“.
Макрон, кој го наговара Трамп да го зачува договорот, кажа дека постои можност да се направи нов договор со Иран.
Во САД в петок треба да допатува и германската канцеларка Ангела Меркел, со цел во последен момент да се обиде да го спречи Трамп во можното минирање на договорот со Иран.
„Нема да им биде лесно повторно да ја стартуваат програмата. Тие нема ништо да стартуваат. Ако го направат тоа, ќе имаат голем проблем, поголем од кој било што го имаа досега“, изјави Трамп.
Министерот на надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, изјави дека неговата земја, најверојатно, ќе го напушти договорот, ако САД се повлечат. Со „сериозни последици“ се закани и иранскиот претседател Хасан Рухани.
„Ако Иран ни се закани на кој било начин, ќе плати цена како ретко која земја досега“, кажа Трамп.