УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ СТРУЈА

    УЧИЛИШТАТА ВО БИТОЛА СО ГОДИНИ НЕ ПЛАЌАЛЕ СТРУЈАДобар дел од училиштата не платиле струја од април минатата година, а Економското училиште седма години трошело струја на вересија (Фото: СДК.МК)

    Десет од 18 постоечки училишта во Битола шест-седум години се со блокирана сметка поради долгови. Вкупниот долг на битолското образование е 4,3 милиони евра. Добар дел од училиштата не платиле струја од април минатата година, а Економското училиште седма години трошело струја на вересија. Некои, пак, времиња не ги подмирувале ни комуналните давачки. Долговите кои се провлекуваат со години се најгорливиот проблем на битолските училишта за кои се дискутираше и на денешната седница на Совет во Битола.

    Од опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, критикуваа дека новата локална власт овој месец без бесплатен школку превоз оставила 500 ученици. Критики упати и советничката Анита Ангелевска, која беше поранешен директор во едно од училиштата кои останаа со блокирани сметки, а е и меѓу обвинетите во случајот за „Транспортер“ во кој повеќемина се судат за злоупотреби во организирањето на бесплатниот школски превоз.

    „Сè досега што манифестиравте е тотално незнаење нестручност, неспособност и незаконско работење. Над 500 деца немаат превоз во општината и тоа од Горната гимназија, Медицинско училиште и ОУ ‘Гоце Делчев’. Факт е дека немаат превоз и факт е дека тоа е комплетно колабирање на воспитно образованиот процес. 12 години бевте во опозиција, моравте да имате стратегија за да не дојде до уништување на образованието“, рече Ангелевска.

    Советничката од СДСМ Емилија Костурска им рече на советниците од опозицијата дека немаат морален кредибилитет да критикуваат други за образованието што го уништиле.

    „Состојбата со долговите е наследена. Само за струја училиштата збирно должат над 49.000, а за комунални услуги над 472.000 евра. Вкупниот долг на основните училишта е 1.177, 505 евра, а на средните е 568.748 евра. Вкупен долг на сите училишта кон доверители е 1.750,000 евра. Вкупниот долг на улилиштата кон Општината врз основа на цесии е 2,600.000 евра. Збирно долгот на битолското образование е 4,4 милиони евра. Во Охрид има 9 основни и четири средни училишта, од кои само едно е блокирано поради стар имотно-правен спор. Во Струмица и Куманово нема ни едно училиште. Ни во Тетово, Штип, Прилеп, а во Скопје ни едно средно училиште нема блокирана сметка“, рече Костурска.

    Градоначалничката Наташа Петровска одговори дека не ги прифаќа критиките дека воспитно-образованиот процес во Битола е колабиран.

    „Колабиран воспитно-образовен процес?! Тоа нема лице да каже некој кој бил дел од политиките каде заклучно со 31 декември 2017, вкупно училиштата должат над 4,3 милиони евра. За краток период 80 илјади евра од тие трошоци или да кажам оставштина се покриени. Немам намера да очекувам друго од сегашните директори на училиштата освен да не сакаат превоз кој што чини 60 денари од Новаци до Битола, 30 во еден правец и 30 во друг, да го плаќаат за 400 денари“, рече Петровска.

    Таа додаде дека проблемот со превозот се разгледува во Министерството за образование и Владата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира