Легендарниот американски комичар Бил Козби би можел да го помине остатокот од животот зад решетки, откако судот го прогласи за виновен за три случаи на сексуален напад и за секој од нив би можел да добие десет години затвор.
Осумдесетгодишниот актер беше обвинет дека ја издрогирал и силувал поранешната кошаркарка Андреа Констанд во 2004 година.
Судијата кажа дека Козби, првата голема црномуреста ѕвезда на американската телевизија, ќе остане на слобода сѐ додека пресудата не стане правосилна. Обвинителите бараа да нема право на кауција.
„Тој треба да биде задржан во затвор, затоа што е неограничено богат и би можел да избега со приватен авион“, кажа еден од обвинителите, на што Козби возврати дека нема авион.
„Среќни сме, затоа што конечно можеме да кажеме дека на жените им се верува“, изјави адвокатката Глорија Олред.
На стартот на судскиот процес во Пенсилванија се дозна дека Козби ѝ платил речиси 3,4 милиони долари на Констанд во цивилна нагодба во 2006 година.
Околу 60 жени во изминативе пет децении јавно го имаат обвинето Козби дека е сексуален предатор. Некои од нив беа присутни во судницата при изрекувањето на пресудата.