ЗАЕДНО ЈАДЕВМЕ ЛЕБ, А ТИЕ ИМ ПОМАГАА ДА НЀ УБИЈАТ, ПРОСТУВАМ, НО НЕ ЗАБОРАВАМ, РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ГОДИШНИНАТА ОД 27 АПРИЛ

    ЗАЕДНО ЈАДЕВМЕ ЛЕБ, А ТИЕ ИМ ПОМАГАА ДА НЀ УБИЈАТ, ПРОСТУВАМ, НО НЕ ЗАБОРАВАМ, РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА ГОДИШНИНАТА ОД 27 АПРИЛНа прес-конференцијата, покрај Заев и Џафери, присуствуваа пратеници на СДСМ, ДУИ, НСДП, сегашни градоначалници, вработени во МВР, кои беа нападнати и повредени во собранискиот прес центар на 27 април лани. Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села не присуствуваше на пресот. (Фото: СДК.МК)

    „Организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година не беше напад против нас, туку против демократијата, тоа не беше само криминал“, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со претседателот на Собранието Талат Џафери на годишнината од 27 април.

    Прес-конференцијата на Заев и Џафери се одржа во собранискиот прес центар, каде на 27 април лани,  за влакно се спасија од смрт, и  беа повредени десетици пратеници, новинари и вработени во Собранието.

    „Не можам уште да прифатам дека некои од оние што влегоа во Собранието тој ден беа подготвени да ликвидираат некои од присутните во Собранието. Мора да има правна разрешница на овој случај. Организаторите на овој случај не се свесни дека го забрзаа доаѓањето на слободата во Македонија“, рече премиерот Заев.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека  гледал како  народот влегуваа во Собранието, а не очекувал дека некој од внатре ќе им помогне.

    Простувам, но не заборавам. Наши колеги со кои заедно го јадевме лебот тука, однатре помогнале.  Нема да дозволам да се повтори такво нешто. По една година, вратите во Собранието сега се отворени за сите граѓани“, рече Џафери.

    На прес-конференцијата по повод една година од организираниот напад на Собранието, покрај актуелните пратеници, присуствуваа и поранешни пратеници на СДСМ, а сега градоначалници, и вработени во МВР, кои беа нападнати и повредени од насилниците во собраниската прес сала.

    На прес-конференцијата на Заев и на Џафери не присуствуваше лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој  беше тешко повреден во нападот на Собранието.

    „Поканети беа сите, сите имаат право на избор дали ќе дојдат или не“, рече Заев, одговорајќи на прашање зошто Села го нема.

    Денес, Зијадин Села со сопартијците пред Собранието стави камен со крв од неговото тепање на 27 април.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира