Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во видео обраќање преку Фејсбук денеска кажа дека има индиции и сомнежи за постоење криминал во кој е вмешан Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев, во врска со превоз на јаглен за РЕК Битола. Тој тврди дека компанијата „СВ инвест‘, која е ангажирана како подизведувач во оперативните градежни работи во РЕК Битола, вози со камиони на компанијата „ДГИ тотал инженеринг“, во сопственост на Вице Заев и побара од Обвинителството да го истражи случајот.
АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) демантира дека „СВ инвест“ е ангажирана во РЕК.
„Компанијата ’СВ Инвест‘ врши превоз на јаглен со товарни возила, но истите возила со струмички регистерски таблици. Сопственик на овие камиони не е ’СВ инвест‘, туку компанијата ’ДГИ Тотал Инженеринг‘, каде сопственик и управител е Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев. Обвинителството треба да провери за колку пари, за која работа, низ каква процедура и во чие име работа вршеле возилата на братот на премиерот и дали и низ каква постапка компанијата на Вице Заев врши услуга чиј краен корисник е државна компанија и зошто неговите камиони се со налепници на друга приватна компанија“, изјави Мицкоски.
„Фирмата ‘СВ Инвест – Битола’ никогаш не била ангажирана како подизведувач за транспорт на јаглен во РЕК Битола“, соопшти АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за државната новинска агенција МИА и нагласи дека дека тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е целосно неточно.