САД ГО ЦЕНИ ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ПОРАЗ НА ИСИС И ИСПРАЌАЊЕТО ВОЈНИЦИ ВО АВГАНИСТАН, Ѝ КАЖА МЕТИС НА ШЕКЕРИНСКА

    САД ГО ЦЕНИ ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ПОРАЗ НА ИСИС И ИСПРАЌАЊЕТО ВОЈНИЦИ ВО АВГАНИСТАН, Ѝ КАЖА МЕТИС НА ШЕКЕРИНСКАОва е прва средба на министри за одбрана на Македонија и САД по шест години. - Од пречекот на министерката Шекеринска во Пентагон (Фото: МО)

    Американскиот секретар за одбрана Џејмс Метис рече дека САД ги ценат обврските кои што Македонија ги презема како партнер на НАТО, како испраќањето на војници во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, придонесот кон коалицијата за пораз на ИСИС и решителната одлука да се издвојуваат 2% од БДП за одбраната, за време на средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Пентагон, соопшти министерството за одбрана.

    „Ние ги цениме вашите напори. Тие ја афирмираат одлуката на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија да добие покана за членство ’веднаш штом ќе се постигне заеднички прифатливо решение на прашањето за името‘ со Грција. Ја поздравуваме вашата работа со Грција на разрешувањето на ова прашање и се надевам дека наскоро ќе има резултати. Не сакаме да ве видиме запрени пред вратите на НАТО. Денешната безбедносна состојба бара дух на пријателство меѓу сите оние кои се залагаат за слобода, основни човекови права и владеење на правото“, рече Метис на средбата во Вашингтон.

    Шекеринска се заблагодарила за цврстата поддршка што Македонија ја добива од САД и потсетила на силниот консензус во државата од нејзиното осамостојување, за членство во НАТО.

    „Дозволете ми да ве уверам дека Македонија е подготвена за членство во НАТО. Ние брзо се опоравивме од долгата политичка криза и по еден силен реформски залет, на нас се гледа како на извор на надеж на Балканот. Започнавме важни одбранбени реформи и го зголемивме нашиот придонес во мисијата предводена од НАТО во Авганистан. Докажавме дека сме посветен и сигурен партнер. Наша цел е да бидеме и таков сојузник. Затоа, дозволете ми да ја побарам вашата поддршка како стратешки партнер на нашето членство во НАТО. Поканата за Македонија во јули годинава ќе нè поддржи во нашата стратешка цел, ќе му помогне на регионот во градењето на долготрајна стабилност и ќе ги зголеми влијанието и подготвеноста на САД и НАТО“, кажа Шекеринска.

    Ова е прва средба на министри за одбрана на Македонија и САД по шест години, а се случува на два месеци од Самитот на НАТО во Брисел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира