УСТАВНИТЕ СУДИИ ГИ ШТИТАТ ПЛАНОВИТЕ НА ЈАКИМОВСКИ, ОБВИНУВААТ КАРПОШАНИ КОИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД УСТАВЕН СУД

    УСТАВНИТЕ СУДИИ ГИ ШТИТАТ ПЛАНОВИТЕ НА ЈАКИМОВСКИ, ОБВИНУВААТ КАРПОШАНИ КОИ УТРЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД УСТАВЕН СУДГраѓанските организации од Карпош лани поднесоа иницијативи до Уставен суд за оценување на уставноста и законитоста на 4 детални планови, но одлука уште нема.-Од ланскиот протес на ѓителите на Карпош против спорните ДУП-ви.(Фото: СДК.МК)

    Жителите на општина Карпош утре ќе протестираат пред Уставниот суд оти 8 месеци нема донесено никаква одлука за нивните иницијатива за законитоста на четири Детални урбанистички планови.

    Лани есента граѓанските иницијативи од Карпош поднесоа иницијативи пред Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на донесување на планот за Тафталиџе 1, Карпош 3, Влае 2 и планот за потегот покрај реката Вардар од поранешниот ресторан „Имес“ до хотелот „Александар Палас“. Беше побарано од Уставниот суд да донесе и времена мерка за запирање на сите активности до носење на конечна одлука. Времена мерка Уставниот суд не донесе, а постапка досега е поведена само за планот за Тафталиџе 1.

    „Згради никнуваат како печурки, спрат по спрат се гради без да се запре на спорните локации во Карпош. Истите судии знаеле да одлучат по поднесена иницијатива во експресен рок, за помалку од месец дена. Но, во овој случај, одлучиле да ги остават по страна и не постапуваат по нив. Уставните судии не работат согласно нивната функција да го штитат Уставот, туку работат и штитат нечии други интереси. Во нормална земја овие судии не би биле судии и правото да судат и носат правда би им било трајно одземено“, се вели во соопштението на граѓанските иницијативи од Карпош за најава на протестот објавено на социјалните мрежи.

    Карпошани ги поднесоа иницијативите до Уставен суд поради прекршување на постапката на носење на плановите. Како што велат од граѓанските иницијативи при носењето на сите 4 планови немало објавено Одлука на веб страната на Општината што е законска должност и со тоа постапката за донесување на ДУП-от не била во целост запазена, со што е повредено начелото на владеење на правото како темелна уставна вредност.

    „Случајот е завршен, само треба да се изрече конечната одлука. Но, одлуката за планот за Тафталиџе 1 не се носи, а за другите постапка не се ни поведува“, велат од граѓанските иницијативи од Карпош.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира