Најмалку двајца мртви и 14 лица се повредени во судирот меѓу товарен и патнички воз во Баварија, кажаа доцна синоќа германските железнички власти. Жртвите се идентификувани, еден од нив е машиновозач, а другиот е патник.
Портпаролот на германската Железница кажа дека двајца од повредените се со сериозни повреди. Двата воза се судриле околу 21.20 часот синоќа на дел од пругата во близина на станицата Ајхак, која е на рутата меѓу Инголштад и Аугзбург, соопшти германската железница.
Спасувачките екипи се на терен, а железничкиот сообраќај на оваа линија е во прекин. Сè уште не се знае кога ќе може да продолжи нормалното одвивање на железничкиот сообраќај, а формирана е служба која возовите ќе ги замени со автобуси.
Ова е втора фатална железничка сообраќајна несреќа во Баварија во еден ден. Двајца исто така загинаа вчера утро, кога автомобил беше удрен од патнички воз на премин без бариери кај Сишаут на езерото Старнберг.
Автомобилот бил влечен неколку стотици метри, кажа портпаролот на полицијата. Починаа возачот и патникот во автомобилот. Машиновозачот не беше повреден, а повреден беше еден патник од возот.