Одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски во предметот на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности побара изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, по што судијата Осман Шабани даде пауза од еден час да се одлучи по барањето. Адвокатот на Груевски, Еленко Миланов, кажа дека бараат изземање на Јанева оти таа со своите изјави оставала впечаток во јавноста за вина на обвинетите.
„Во повеќе наврати специјалната обвинителка се произнесува во однос на вина, казни и наводна огромна процентуалност на постоење докази обвинетите да се осудат. Со тоа се остава впечаток во јавноста на вина. Се навлегува директно во судските одлуки“, рече Малинов.
На барањето на одбраната на Груевски реагираше специјалната обвинителка Лиле Стефанова, која го застапува обвинението, и рече дека со ова само се сака да се одолговлекува судењето.
„Одбраната постојано дава предлози со цел да се купи ден, да се одолговлекува судењето. Во законот не постојат одредби за изземање на специјалниот јавен обвинител. И одбраната во предлогот кој го даде не можеше да каже кој треба да ја изземе Јанева. Затоа бараме да се одбие предлогот“ рече Стефанова.
Покрај Груевски, кој е првообвинет, во „Титаник“ се обвинети уште 20 други лица, поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА