Македонија нема обврска да плаќа пенали кон Банката на Советот на Европа за откажување на делот од договорот за изградба на нов клинички центар на местото на стара Гинекологија во постојниот во центарот на Скопје. Ова денес го кажа министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека на состанокот со претставниците на Банката на Советот на Европа било договорено Македонија да се откаже од делот од парите од кредитот наменет за изградба на Клинички центар во Скопје, а да ги задржи парите наменети за изградба на клиничката болница во Штип.
„Во однос на Банката немаме обврска за плаќање никакви пенали. Остануваат евентуално пеналите кои би ги платиле кон изведувачот. Тоа е италијанската компанија ’Инсо‘, која тука настапи како конзорциум. Се договоривме наскоро да имаме уште една средба и да разговараме дали можеме на некој начин тоа да го искомпензираме, за тие да се вклучат во некои други наши активности и да го избегнеме плаќањето пенали“, рече Филипче.
Договорот за изградба на Клиничкиот центар на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија, беше потпишан на 19 мај лани непосредно пред формирање на новата Влада, а го потпиша Никола Тодоров како технички министер за здравство и пратеник во Собранието по последните избори. Тогаш беше кажано дека овој договор тежи 72 милиони евра.
Премиерот Зоран Заев на 31 јануари годинава одговарајќи на пратенички прашања во Собранието кажа дека Банката на Советот на Европа не се сложува да ги пренамени парите одобрени за изградба на Клиничкиот центар во Скопје во рамки на постојниот кампус, на нова локација и дека во тој случај ќе треба Македонија да плати 5,5 милиони евра отштета. Тој тогаш кажа дека претходната влада со Банката на Советот на Европа договорила поголем проект за користење кредитни средства од 150 милиони евра, од кои дел се наменети за изградба на клиничката болница во Штип, дел за набавка на опрема, а 85 милиони евра за изградба на клиничкиот центар во Скопје.
Во меѓувреме Владата се откажа од проектот за изградба на нов клинички центар на постојниот простор, и најави дека ќе гради модерен медицински кампус на локација во Бардовци во Општина Карпош, и дека тој ќе чини околу 450 милиони евра.
Е. БОЧВАРОСКА