Поранешни функционери и вработени во министерството за надворешни работи го злоупотребиле буџетот за купување, реконструкција на дипломатски- конзуларни претставништва во неколку држави, обвини државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, на денешната прес-конференција.
Државниот секретар во МНР Димовски рече дека целата документација за купување и реконструкција на дипломатски претставништва е доставена до Јавното обвинителство за понатамошна постапка.
„Има јасни индиции за сериозни злоупотреби при купување на дипломатски-конзуларни претставништва. Со одлука на владата во 2007 година, одвоени се 40 милиони евра за купување на дипломатско-конзуларни претставништва, а дополнително се дадени 10 милиони евра. Купени се објекти во пет држави“, рече Димовски.
Според Димовски, двете комисии формирани во министерството, функционирале само формално.
„Сите купени објекти се на неатрактивни локации каде што нема резиденцијални објекти. Само исклучок е Прага, каде прв сосед ни е амбасадата на Северна Кореја. Сите претставништва се во обични резиденцијални квартови. Овие објекти наведуваат на сомнение дека биле со многу помала цена отколку прикажаната. Владата ги фаворизирала поскапите, иако имало објекти на поубави места и многу подобри објекти за помала цена“, кажа Димовски.
Според документацијата, биле правени непотребни реконструкции и имало и случаи каде биле наведени реконструкции кои некогаш не се направиле.
„Во спецификации за реконструкција стои цена за сменети прозорци, а не се сменети. Поправка за водоинсталација, но, не е направена. Стои цена за најквалитетен паркет, а ставен е евтин ламинат. Пример, во Виена сумата за „најповолен“ објект пишува дека е 3 милиони евра, а реконструкцијата чинела 1,4 милиони евра. Постојат индиции дека продавачот на објектот за истиот платил 1.400.000 евра. Објектот во Будимпешта е руиниран и неупотреблив. Од 2010 година плаќаме кирија за амбасадата, иако е купен објект од 1, 700.000 илјади евра. Во Прага пак објектот што бил купен е дивоградба, па надлежните органи во Прага донеле одлука за уривање. За купувањето бил направен систем од мрежа на странски адвокати, компании и лица со седиште во Виена, Прага, Будимпешта, Лондон. Постојат индиции за сторени низа прекршување на сите постапки, поради кои се непотребно исплатени големи суми и е оштетен е Буџетот“, рече државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.