НАСТАВНИК ВО БУТЕЛ ИСТЕПАЛ УЧЕНИК СО СТАП И МУ ГИ ПОВРЕДИЛ ВРАТОТ И РАЦЕТЕ

    НАСТАВНИК ВО БУТЕЛ ИСТЕПАЛ УЧЕНИК СО СТАП И МУ ГИ ПОВРЕДИЛ ВРАТОТ И РАЦЕТЕМинистерството за образование го осуди инцидентот и кажа дека очекува по увидот од Државниот просветен инспекторат да биде изречена санкција за наставникот. (архивска фотографија)

    Наставник од основното училиште „Живко Брајковски“ во скопската општина Бутел вчера за време на наставата со дрвен стап истепал 13-годишен ученик од ова училиште. Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера во 16 часот добиле пријава од скопјанец дека неговиот 13-годишен син вчера околу 12.30 часот се здобил со телесни повреди на рацете и вратот, откако наставникот применил физичко насилство со употреба на дрвен стап.

    „Веднаш по пријавувањето на настанот полициски службеници од полициската станица во Чаир излегле на местото на настанот. Известен е Јавен обвинител и се работи на целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.

    Министерството за образование и наука денес излезе со осуда за вчерашниот настан во ООУ „Живко Брајковски“.

    „По добиените наоди од извршениот надзор од страна на Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука очекува соодветно санкционирање на наставникот. Веруваме дека секоја ситуација и конфликт може да се разреши по мирен пат, со разговор, а не со физички пресметки и напади. Штетата е уште поголема што не станува збор за инцидент помеѓу ученици, туку помеѓу наставник и ученик“, велат од МОН.

    Министерството за образование апелира сите наставници и ученици проблемите да ги решаваат во присуство и со помош на психолошко-педагошката служба во училиштата, како и во присуство на родителите и раководните лица на образовната установа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира