Необична „свадба“ се случуваше на градскиот плоштад во Тетово, ечеа зурли и тапани, се виеја ора, многу свадбари, дојдени од сите страни, им посакуваа среќен „брак“ на младите. А младоженецот и невестата ги пречекуваа гостите облечени по актуелна тетовска мода – младоженецот во црн костум направен од најлонски вреќи за ѓубре, вратоврска извадена од контејнер, невестата во венчаница од отпадна хартија и најлонски кеси од супермаркетите.
И подароците кои ги добија младите беа во ист стил, секој гостин на „свадбата“ на младите им подари по цела една вреќа полна со смет. Овие подароци ги собраа на неколку локации во градот на кои сметот може да се најде расфрлан насекаде.
Со овој перформанс еколошките друштва од Тетово испратија уште една порака дека во градот има многу смет и дека треба редовно да се чисти.
„Младите од кај нас одлучија да направат свадба и ние ги замоливме организациите од Тетово да нѝ донесат најдобри подароци што можат да ги најдат. Како што можете да видите младите добија куп подароци од она што најмногу го имаво Тетово, а тоа е сметот. Им се заблагодаруваме на убавите подароци, бидејќи сите во градот сме свесни со што секојдневно се сооочуваме“, рече Буја Љума од организацијата ЛОЈА која беше креатор на овој еколошки перформанс.
Вакви акции за чистење на животната средина денеска се одржуваат во 13 градови во Македонија, а покровител на акциите е Ротари клубот во соработка со повеќе невладини организации.
„Со оваа акција сакаме да ја подигнеме свеста кај граѓаните за да имаме почист град и дека ние како граѓани можеме повеќе да направиме за ова. Секој што беше дел од оваа акција за помалку од еден час собра по една вреќа со смет. Тоа значи дека во Тетово има многу работа и за јавното комунално претпријатие, но и за граѓаните. Затоа жителите на Тетово треба да станат свесни дека нам ни е потребна почиста и поздрава животна средина. Со вакви акции ќе продолжиме и понатака“, рече Елмедина Абдулаи од Ротари клуб Тетово.
„Свадбата“ на тетовскиот плоштад ја следеа и преставниците од Јавното комунално претријатие кое, како што рекоа, секогаш поддржува вакви акции.
„И ние ја поддржуваме оваа акција на екологистите и сакаме вакви акции да има не само еднаш годишно, туку и почесто. Ние како јавно комунално претпријатие на терен сме 365 дена во годината и тоа во три смени го чистиме градот, но секако треба и граѓаните да пазат на чистотата“, изјави Џелал Цека директор на ЈКП Тетово.