Турција ги обвини САД дека ја делат одговорноста со Израел за масакрот во Газа, откако 58 Палестинци беа убиени од израелската војска во нередите што го следеа отворањето на американската амбасада во Ерусалим.
Илјадници маршираа низ центарот на Истанбул, осудувајќи ги крвопролевањето и преселбата на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, потег што го разгневи целиот муслимански свет.
„САД, за жал, без приговор зазедоа место покрај израелската влада, со што станаа учесник во масакрот на цивилите и во овој злосторнички чин против човештвото. Ова е ужасен масакр и ние силно го осудуваме. Ова е спротивно на улогата на САД како посредник и заштитник на светскиот мир“, кажа турскиот премиер Бинали Јилдирим.
И турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кажа дека овој потег на САД само ќе ги разгори тензиите.
„Ова ги уништува шансите за мир и ќе доведе до нови човечки загуби, како и до уништување и катастрофа во регионот. Отсега веќе ништо нема да биде исто“, рече Ердоган.
Истовремено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги брани акциите на војската, за која вели дека „дејствувала во самоодбрана против Хамас, кој сака да го уништи Израел“. Поддршка доби и од Белата куќа.
„Одговорноста за овие трагични настани е исклучиво на Хамас, кој намерно и цинички провоцираше реакција“, изјави заменик-портпаролот на Белата куќа, Раџ Шах.
Франција го осуди насилството на војската, додека Германија соопшти дека Израел има право да се брани, но тоа треба да биде пропорционално.
Нови протести се најавени и за денеска.