И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ САКААТ ДА ИГРААТ ВО ДИСКО, ОБЈАВЕН ПРИРАЧНИК ЗА БАЛЕТСКИ ПЕДАГОЗИ КАКО ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМ

    И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ САКААТ ДА ИГРААТ ВО ДИСКО, ОБЈАВЕН ПРИРАЧНИК  ЗА БАЛЕТСКИ ПЕДАГОЗИ КАКО ДА РАБОТАТ СО ДЕЦА СО ДАУНОВ СИНДРОМПрирачникот „Како да научат танцување децата со Даунов синдром“ го подготвија професорката на катедрата за балетска педагогија-современ танц при ФМУ Искра Шукарова и Ида Мантон, основач и претседателка на Центарот за Даунов синдром

    Денес во 15 часот на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе биде промовиран прирачникот „Како да научат танцување децата со Даунов синдром“, подготвен од вонредната професорка на катедрата за балетска педагогија-современ танц, д-р Искра Шукарова и Ида Мантон, основач и претседателка на Центарот за Даунов синдром.

    Прирачникот е подготвен како дел од проектот „И јас сакам да бидам балерина“, поддржан од ЕУ и УНИЦЕФ, а соработката е исто така дел од проектот „Номад ту Номад“ на невладината организација „Номад танцова академија Македонија“.

    Прирачникот е наменет за сите балетски педагози, инструктори по танц, вљубеници во танцот, сценските движења и балетската уметност, а особено на тие што имаат желба да работат со деца со пречки во развој.

    Во него има совети за различни нивоа на балетски часови, за модерен танц, групна и сценска работа, како и вежби кои ги користат учесниците со цел да се подобрат вештините за работа во група, довербата, градењето на односи, релаксацијата и мотивацијата.

    Мантон вели дека инспирацијата за прирачникот и за проектот „И јас сакам да бидам балерина“ ја добила по настапот на нејзината шестгодишна ќерка Луциа, на концертот на балетското студио „Лебед“ каде оди од 3 години.

    „Луциа секогаш кога сака да импресионира некого веднаш почнува да игра балет. За неа тоа е нејзината најубава верзија и најубавиот начин да се почне и заврши денот. Секогаш кога се чувствува запоставена наоѓа начин со танцување да го привлече вниманието на сите околу себе и со своите искрени поклони ги извлекува најдолгите аплаузи од најслучајните минувачи.

    Аплаузот, насмевките, цвеќињата после концертот, сето тоа ни покажа колку многу сме постигнале и бевме многу горди.

    Во прирачникот меѓудругото се истакнува дека танцот, како експресивно движење може да даде голем придонес во образованието на секое дете и е одличен инструмент за будење на свеста на детето

    Ова беше причина да помислам како и другите мали дечиња со Даунов синдром да имаат ваква можност и единствен начин тоа да го направиме беше да побараме други студија и балетски педагози кои веќе имаат искуство или барем желба да работат со деца со Даунов синдром.

    Оваа иницијатива ја поттикна и посетата на танцовата компанија од Лондон ’Ларондина’, која ја организираше Вероник Гарет , сопругата на британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

    Преку проектот ’И јас сакам да сум балерина’ ги запознавме Лиза, Маца, Теа, Тина, Јагмур и Дамла, Мила, Марија и првиот балетан Алек.

    Нивната заедничка балетска претстава ’Сите во ист свет живееме’ беше резултат на многу работа, но можноста да покажат дека тие можат да бидат активни членови на нашите заедници, а не само товар како што многумина веруваат, за нас е од непроценлива важност“, вели Ида.

    Во прирачникот меѓудругото се истакнува дека танцот, како експресивно движење може да даде голем придонес во образованието на секое дете и е одличен инструмент за будење на свеста на детето.

    „Тоа ги прави да гледаат, слушаат и да одговараат, а тоа е она што повеќето родители го сакаат кај своите деца.
    Дури и проблемите во однесувањето може да решат со помош на танцот. Движењето е природен начин на учење самодисциплина. Често може да забележите дека дури и децата со сериозни попречености сакаат да танцуваат во дискотека.

    Мораме да ја искористиме и развиеме оваа ситуација, така што танцот ќе стане главен дел од процесот на учење. Не само што буди пријатни чувства, туку е и многу важно за благосостојбата на секој човек, бидејќи контролата на телото и координацијата се од суштинско значење за доброто однесување и самодовербата“, пишува Мантон во прирачникот.

    На студентот со посебни потреби му треба и посебен педагог кој ќе биде истраен и доволно креативен за да му помогне на студентот да ги надмине сите пречки што ги има.

    „Охрабрувањето и упорноста се два клучни збора што треба да ги имаме на ум секогаш кога работиме со кој било тип на специјално образование.

    Уживање на движењето е уште една клучна фраза која треба да се запомни. Не можеме сите да бидеме одлични танчери. Па кога ќе се спомене танцување, тоа не се однесува само на балет, модерни или латино танци. Тоа се однесува и на начинот на движење, охрабрување на учесниците да се сконцентрираат на слушање и гледање.
    Наставната програма ќе мора да биде едноставна, за дури и оние педагози кои се малку загрижени за преземањето на оваа задача, да сакаат да дадат шанса“, стои во прирачникот.

    Мариче, Лиза, Теа, Маца, Алек, Тина, Мила, Луци, Лала, Дамла и Јагмур со балетските педагози Искра Шукарова, Тијана Спасовска, Изабела Ангелова и Стефанија Милевска, и со сценскиот советник Искра Ветерова во проектот „И јас сакам да сум балерина“

    Во двомесечното списание на Центарот за даунов синдром се објавени текстови со приказни на родители на деца со Даунов синдром, за искуствата од часовите по танц и балет.

    „И секој ден да имаше час по балет, ќе одеше без да негодува и немаше да ѝ биде досадно. Дома се подготвува цел час, избира кое фустанче и кои балетанки ќе ги носи на балет“, вели мајката на балерината Лиза, Маја Јанковска.

    Нејзината учителка Изабела Ангелова, вели дека да се работи со дечиња со Даунов синдром не е едноставно и лесно, но Лиза е нејзин личен предизвик.

    „Хема почна да танцува поради здравствени причини. Но, многу брзо потоа, танцот стана дел од неа. Таа буквално се заљуби во традиционалните индиски танци и научи да ужива во нив. Но, за сето тоа беа потребни 13 години напорно вежбање и надминување на многубројните предизвици со кои се соочуваше попатно“, велат родителите на Хема Рамазвами, првата танчерка со Даунов синдром, која го извела таканаречениот банатанатијам танц.

    Вероник Гарет го споделува своето искуство со нивната ќерка Флоренс, која одела на часови по танц во школата „Ларондина“ кои два пати гостуваа во Македонија.

    „Флоренс како дете еше во многу лоша здравствена состојба. Дури и тешко е да се поверува од оваа перспектива.Имаше неколку операции на срцето и абдоменот, и не одеше до четири и пол години. Така што, таа подоцна започна да танцува во Ларондина бидејќи тогаш живеевме во Лондон, и студиото беше во близина на нашиот дом. Сите кои ги прашавме, ни кажаа дека танцот дал неверојатни резултати во развојот на нивното дете. Не само за физичкиот развој, којшто е секако најважен, туку и за социјалниот и когнитивниот развој. Едно саботно утро се упативме кон студиото и ја запознавме прекрасната директорка Анџелина. Да, Анџелина ја покани Флоренс да стане дел од ’Ларондина’, и веќе од четвртокот таа почна да танцува и стана дел од нив, што беше многу возбудлив момент“, пишува Вероник Гарет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира