МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ЌЕ ГО КАЖЕ СТАВОТ ЗА ПРЕДЛОГОТ „РЕПУБЛИКА ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА“

    МИЦКОСКИ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ЌЕ ГО КАЖЕ СТАВОТ ЗА ПРЕДЛОГОТ „РЕПУБЛИКА ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА“Премиерот Зоран Заев за денеска во 13 часот закажа лидерска средба во Клубот на пратеници. - Христијан Мицкоски во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски рече дека ќе ја почека лидерската средба, па после ќе се изјасни за името за кое премиерот Зоран Заев изјави дека може да биде конечно решение во спорот за името. Лидераската средба е закажана за денеска попладне во Клубот на пратеници во Скопје. Поканата од премиерот Заев ја прифатил и претседателот Ѓорге Иванов.

    „Да ја почекаме утрешната лидерска средба кога ќе имам попрецизни информации за предлогот“, рече синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршната вечера на процесот „Жан Моне“ во Охрид.

    „Од учесниците очекувам да дознаам што се договорило на средбата Заев-Ципрас во Софија. Дури тогаш ќе имам попрецизни детали. Да ја почекаме лидерската средба кога ќе го соопштиме нашиот став“, изјави Мицкоски.

    Прашан за неговиот став за предлогот „Република Илинденска Македонија“, што беше објавен во медиумите, Мицкоски кратко рече: „Мене лично ми одговара Република Македонија“.

    Лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи не дадоа изјави.

    Биљал Касами, лидер на Движењето Беса, рече дека немале официјална информација околу предлогот за спорот за името.

    „Името мора да ја има реалноста на општеството, а тоа е мултиетничкиот карактер. Секое друго име не ги претставува сите граѓани. Лично мислам дека името Република Македонија треба да остане, за се друго треба да има нов договор“, рече Касами.

    Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села смета дека многу е важно ако има договор меѓу Македонија и Грција да се искористи тој момент за влез во НАТО и во ЕУ.

    „За други наши ставови треба да се дискутираат органите на партијата. Македонија е секуларна држава и по секоја цена тоа треба да се чува. Ако веќе сме имале проблеми кои потекнуваат од третиот век пред нашата ера, не треба да се враќаме во 9. век пред нашата ера“, рече Села.

    Пратеници на власта и опозицијата во Охрид во процесот „Жан Моне“, заедно со тројцата европратеници, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан и Иво Вајгл, два дена дискутираа како да се подобри функционирањето на Собранието.

    Во заклучоците од состанокот стои потребата од правење на етички кодекс за пратениците, измени на Деловникот, како и зголемување на соработката на администрацијата на Собранието и Европскиот парламент.

    Состанокот беше завршен со вечера на која беа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на ДПА – Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата за Албанците и од Беса, Билал Касами. Покрај лидерите, присуствуваа и претседателот на Собранието Талат Џафери, евроамбасадорот Самуел Жбогар и пратеници од опозицијата и од власта.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира