ПЕЛИСТЕРСКАТА МОЛИКА СТРАДА ОД ОБРАСНУВАЊЕ СО ДРУГИ ДРВЈА, ВЕЛИ ФИНСКИ БОТАНИЧАР

    ПЕЛИСТЕРСКАТА МОЛИКА СТРАДА ОД ОБРАСНУВАЊЕ СО ДРУГИ ДРВЈА, ВЕЛИ ФИНСКИ БОТАНИЧАРЗначајно е да ја имаме моликата зашто таа е нашиот заштитен вид, но таа страда на повисоките места поради обраснување со други видови на дрвја и шума“, вели Кимо Сурионен, ботаничар во Финскиот институт (Фото: СДК.МК)

    Моликата на одредени делови на Пелистер страда поради обраснување со други видови дрвја и шума, вели финскиот ботаничар Кимо Сурионен. Тој е дел од тимот експерти на европската мрежа на заштитени подрачја „Натура 2000“. Тие деновиве вршат мониторинг на флората и фауната во Националниот парк Пелистер, кој е еден од избраните пилот подрачја од земјава што можат да станат дел од еколошката мрежа по зачленувањето на Македонија во ЕУ.

    „Идентификувавме 11 живеалишта во рамки на Националниот парк Пелистер кои постојат на анексите на ЕУ. Работиме на протоколи за мониторинг и најмногу се фокусираме на шумата. Секако, и на моликата која е еден од видовите што се од најголемо значење. Значајно е да ја имаме моликата зашто таа е нашиот заштитен вид, но таа страда на повисоките места поради обраснување со други видови на дрвја и шума“, рече Кимо Сурионен , ботаничар во Финскиот институт.

    Финскиот ботаничар Кимо Сурионен е дел од тимот експерти на европската мрежа на заштитени подрачја „Натура 2000“, кои деновиве вршат мониторинг на флората и фауната во Националниот парк Пелистер (Фото: СДК.МК)

    Подрачјата кои ќе влезат во „Натура 2000“ ќе мора да се одржауваат за да се овозможи опстојување и развој на живеалиштата на флора и фауна.

    „Ако ги споменеме ливадите, тенденцијата е ливадите да се напуштаат, па да се обраснуваат со вегетација, за да опстанат тие треба да бидат одржувани“, додаде финскиот експерт.

    Петро Ахлрот, лидер на проектот изјави дека на Пелистер успеале да најдат и видови застапени во европските анекси на заштитени видови, а кои досега никогаш на македонските простори не биле откриени.

    „Од студиските посети на подрачјата што припаѓаат на оваа сериозна еколошка мрежа, се констатира дека во многу работи се разликуваме, но би рекол дека не се недостижни. Со помош на надлежните чинители и со поголема посветеност, верувам дека постепено ќе успееме да се вклопиме во високите стандарди на европското семејство на заштитени подрачја“, рече Амет Аџиу, директор на Националниот парк Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира