Нова необјавена снимка со тепање, гмечење и скокање врз пратеникот Зијадин Села од страна на речиси сите обвинети за обидот за убиство на 27 април лани беше пуштена во судницата во Основниот суд Скопје 1 од судијката Славица Андреевска.
Ова е досега најјасна снимка, тонска, од извлекувањето од аголот на собраниската прес-сала, легнувањето на земја и претепување на Села. На снимката од телефон се гледа дека Села го удираат многу повеќе лица од тие што се обвинети.
Обвинетиот Александар Јаневски – Тошта стои како ги брани пратениците, а всушност селективно пропушта луѓе само кон Села. Му довикуваат: „Дај го ваму, дај го ваму!“.
Во еден момент, од усните на Јаневски се чита: „Кој?“. Потоа ја става раката на обезбедувањето Сашо Тасевски.
Лице со фантомка на глава удира по лицата од обезбедувањето на Оливер Спасовски. Сите пратеници, меѓу кои и Зоран Заев, се притиснати до ѕидот. Во еден момент од под мониторот го извлекуваат Села, поминува лице в лице покрај Јаневски.
Се забележува обвинетиот Никола Војминовски како дава знак и сите се втурнуваат кон Села. Брзо добива десетици боксови по главата, по кои паѓа на подот. Скокаат врз него, го удираат со клоци, железни предмети, боксови… Се забележува како удира со тврд предмет и обвинетиот Оливер Ошавковски. Доаѓа и обвинетиот Коста Делов. Села не се брани, не дава знаци на живот.
Снимката, предложена од обвинителот Дарко Јакимовски како дополнителен доказ, ги побива тврдењата на 10-темина притворени дека во Собранието таа вечер влегле од љубопитност, дека не го допреле Села, туку напротив, во прес-салата кај што се случи обидот за убиство, им помагале на Села и на останатите пратеници и новинари.
На снимката ги нема обвинетите Кире Ѓорѓиевски и неговиот татко Цејо, кои пак ги имаше претходно на снимки како го изнесуваат онесвестениот Села од прес-салата и го шетаат како трофеј низ ходниците.
Кире го имаше на снимка како со чизма му ја гмечи крвавата глава на Села. Во обидот за убиство на Зијадин Села обвинети се: Оливер Ошавковски, Александар Јаневски – Тошта, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, Кире Ѓоргиевски и Цејо Ѓоргиевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА