Под мотото „Ден на германски јазик“ денеска во Градскиот парк се одбележува 10-годишниот јубилеј на ПАШ-програмата, во организација на Aмбасадата на Германија, Гете-институтот, Германската служба за академска размена, Здружението на професори по германски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и училиштата кои имаат специјални паралелки со поголем фонд на часови по германски јазик.
Учениците од основните и средните училишта на германски јазик изведуваа кратки театарски претстави, читаа поезија и проза, а специјални гости беа германското хип хоп и реге дуо „Уве Ка“.
„Наша цел е да создадеме одржлив интерес и воодушевување за модерна Германија и германскиот јазик, при што сум свесен дека овде во Македонија наидуваме на отворена врата бидејќи германскиот јазик е веќе многу распространет. Тоа се должи на тоа што Германија е водечки партнер за соработка со речиси сите политички, економски и културни области, како и на блиските меѓучовечки врски кои постојат, меѓудругото, и преку 100.000 македонски државјани кои живеат во Германија“, рече на отворањето на настанот германскиот амбасадор во земјава, Томас Герберих.
Во парк свои штандови имаа основните училишта „Песталоци“, „Григор Прличев“ и „Владо Тасевски“, гимназиите „Георги Димитров“, „Јосип Броз Тито“ и „Браќа Миладиновци“, државните универзитети од Скопје, Штип и Тетово, како и германските и австриските партнери, кои ги претставуваа своите наставни програми по германски јазик.
А. АНТЕВСКА